Skip to main content

16. издание на Филозофски филмски фестивал од 21-28 мај во МКЦ

Шеснаесеттото издание на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) ќе се одржи од 21 до 28 мај во Младинскиот културен центар во Скопје, носејќи програма која не само што се гледа , туку и се мисли.

Годинашното издание доаѓа со моќното мото „Слобода во слободен пад“, инспирирано од актуелниот глобален контекст, дигиталниот хаос и сè погласното чувство дека реалноста ни се одвива без наша контрола. Програмскиот директор Ѓорѓи Пулевски го опишува фестивалот како простор помеѓу зрелоста и несигурноста, токму како самата возраст од 16 години:

„Шеснаесет години. Во некои земји можеш да возиш, но само со надзор. Некаде можеш да гласаш, некаде не. Тоа е возраст кога ги разбираме правилата, но сè уште не сме сигурни во нив. Токму таму е и ФФФ – веќе созреан, но сè уште со априорна непослушност и жед за смисла.“

Наместо класично мото врзано за еден автор, годинава фестивалот реагира директно на времето во кое живееме:

„Слободниот пад е чувство што можеби звучи застрашувачки, но кога насилството станува нормализиран декор, а ние стануваме индиферентни, не постои попрецизен опис. Живееме во време на 24/7 дигитални стимули, алгоритми што однапред ни ја креираат реалноста и ВИ содржини што мислат наместо нас.“

Во таков контекст, фестивалот не нуди бегство, туку соочување:

„ФФФ е огледало. Наместо дефетизам и цинизам, бараме да не дозволиме имагинацијата и емпатијата да умрат тивко. Фестивалот создава простор макар и краткотраен каде преку филмови, разговори и полемики можеме заедно да размислуваме за (рас)падот околу нас.“

И покрај тежината на темите, повикот е едноставен:

„Додека паѓаме, сè уште имаме време да гледаме, да мислиме и да се среќаваме. Затоа дојдете. Затоа што сè е добро сè додека не е.“

Фестивалот носи внимателно селектирана комбинација од култни класици, современи авторски филмови и кратки форми:

 Отворање

  • „Another End“ (2024) – 21 мај, 20:00

 Култни филмови

  • „La Haine“ (1995)
  • „Indagine su un cittadino al di sopra di ogni sospetto“ (1970)
  • „¡Ay, Carmela!“ (1990)
  • „Yol“ (1982)

 Современа селекција

  • „Месечината ми е татко“ (2025)
  • „Туѓинка“ (2025)
  • „Тивок пријател“ (2025)
  • „Спомен за мирисот на нештата“ (2025)

 Краткометражна програма

(24 и 26 мај)
Филмови од целиот свет, вклучувајќи:

  • „Кога ќе се раздени“
  • „Преплет“
  • „Лили“
  • „Бели денови“ (МК/СРБ)
  • „Сино срце“

 Специјални и есеј филмови

  • Видео-есеи и експериментални форми (СЕФ селекција)
  • Документарец за Јилмаз Ѓунеј
  • „Scénarios / Exposé“ (2024) – затворање на 28 мај

Ова не е фестивал што нуди лесни одговори, велат организаторите. Наместо тоа, поставува тешки прашања: Дали сме сè уште слободни? Кој ја креира нашата реалност? Може ли емпатијата да преживее во дигитална бучава?

ФФФ 2026 не е само филмски настан, туку простор за мислење во време кога мислењето станува луксуз.

Поврзани вести