
На 4 август на Античкиот театар во Охрид е закажан стенд-ап настапот на двајцата македонски комичари, Бојан Велевски и Марјан Ѓеорѓиевски. Тие ќе изведат специјална програма под наслов „Ова не е нормално“, носејќи целосно нови сетови, свеж материјал и ќе ви покажат зошто навистина ова не е нормално.
Организаторот, Прагма продукција најаваува дека комичарите ќе ги отворат сите теми кои секојдневно нè тераат да се запрашаме: „Добро бе, дали некаде вака се живее“? Ќе го кажат сè она што сите го мислат, но ретко кој го кажува гласно. Апсурдни бирократски процедури. Семејни ситуации кои сите сме ги живееле. Пропаднати институции. Фрустрации со системот. Со други зборови, нашето секојдневие, сервирано со генијална доза на хумор.
Шоуто ќе биде снимено како Netflix Special, со врвна продукција, осветлување, режија, сценографија и целосно нов материјал, специјално подготвен за оваа вечер.
Велевски и Ѓеорѓиевски не се комичари што раскажуваат шеги. Тие се современи раскажувачи кои ја користат сцената како оружје. И кога се качуваат на една сцена како Античкиот театар, не само што очекувањата растат, туку и одговорноста. Токму и затоа, „Ова не е нормално“ е повеќе од шоу, тоа е огледало на нашето време, на нашето секојдневие и на нашата способност да преживееме сè, со смеа, вели организаторот.
Картите се веќе пуштени во продажба и истите може да ги најдете преку продажната мрежа на www.kupikarta.com и кај Аждер.