
Џихан Ахмед, кандидатка за членка на Комисијата за спречување на дискриминација, не можеше полошо да го почне своето сведочење пред Собранието. Говорејќи пред пратеници и претставниците на неколку ултра-леви, трет-бран-феминистички организации, кандидатката се претстави со зборовите – мажена сум и мајка на три деца. Сиротата мислеше дека тоа што е високо образувана жена од етничко и религиозно малцинство, професорка во средно училиште во Скопје и згора на се родител на три деца е суштински дел од нејзиното претставување. Да ги опцуеше претставниците на невладините немаше да наиде на полош пречек, презир и потсмев. И навистина, да излезеш пред таква публика (зошто воопшто дозволуваме идеологизирани невладини организации да испрашуваат кандидати во Собранието – како невладините да се некој фактор при избор и именување на функционери!?) и да се пофалиш дека си традиционална жена со традиционално семејство.. тоа е храброст.
Реакцијата на скопските невладини беше брза и безмилосна. Мрежата за заштита од дискриминација го објави настапот на Ахмед на Јутјуб (втор пат им се случува да објават видео на каналот – ете толку беше итна работата) – https://www.youtube.com/watch?v=JwklsKblYm0 – а нејзини претставници излегоа по телевизиите и порталите да го прераскажуваат настапот на Ахмед која, замислете, сака да биде во комисијата за анти-дискриминација, а не знае што е Истанбулската конвенција, плус е јасен партиски кадар (што е веројатно точно, но прашање е колку „невладините“ организации имаат право да зборуваат за ова по повеќедеценискиот брак од интерес со СДСМ). Навистина, Ахмед делуваше збунето и не одговори конкретно за конвенцијата – со која се воведуваат меѓународни стандарди за борба против семејното насилство и насилството врз жените воопшто, но содржи и контроверзна дефиниција на полот (родот) како „општествен конструкт“, поради што доста држави не ја спроведуваат конвенцијата, а Турција се повлече од неа. Наместо за конвенцијата, Ахмед зборуваше за друг вид на дискриминација – забраната што беше на сила во некогашна секуларна Турција кога на традиционалните жени не им се дозволуваше да посетуваат универзитет ако носат шамија.
Семејното насилство и насилството врз жените секако се проблем во Македонија. Нивото на еманципираност на општеството и јазот во нивото на еманципираност меѓу христијанската (и екс-христијанската секуларна заедница) и муслиманската заедница во Македонија, се крупни прашања за кои треба да се дискутира. Можеби ќе беше добро кандидатка за членка на комисијата да биде жена која се залага за поголема еманципација на жените-муслиманки во Македонија, тема за која скоро и да не зборуваме. Навистина е фрапантно како активностите на невладините во Македонија се доминирани од урбани, високо образувани Македонки кои се борат против стегите на патријахатот таму каде што најмалку ги има – во македонската заедница. Македонија има над 25 проценти муслиманско население, односно најмалку 12-13 проценти жени-муслиманки. Тоа е огромна заедница во Македонија – жените-муслиманки, Албанки, Турчинки, Бошњачки, Македонки-муслиманки, кои објективно гледано, во споредба со Македонките, се доста помалку еманципирани, со далеку помали можности за образување, почнување на бизнис и слободно и индивидуално живеење на животот, пристап до абортус и ЛГБТ клубови, и другите модерни придобивки, не е во фокусот на невладината индустрија. Ромската заедница ја издвојувам тука – кај нив имаше масовен и сериозно финансиран наплив на невладини организации, за кој сепак и самиот Милчин призна дека бил целосно неуспешен. Ако навистина веруваа во универзалноста на нивните вредности, левите, феминистички невладини организации имаат огромен простор во кој би можеле да дејствуваат во муслиманскиот дел на нашето општество. Но, тоа скоро и да не го прават – напротив, промоцијата на ЛГБТ агендата, пристапот до абортус, мулти-културноста, толерантноста.. тоа се теми за македонски активисти насочени кон македонската публика.
Од муслиманските невладини активистки, веројатно најпозната е Мерсиха Смаиловиќ, чиј активизам се сведуваше на промоција на идејата да ја држиме границата на Европа отворена кон Блискиот Исток и анти-семитските навреди што ги упати кон Рашела Мизрахи. Кога имавме чисти ситуации на муслиманска нетолеранција кон ЛГБТ заедницата – како што беа неколкуте напади врз клубот отворен во претежно муслимански дел на Скопје, невладините организации мобилизираа меѓународен одговор на овие инциденти, но како што се жестоко исполитизирани, се обидуваа со сиот памет за нападите да ја обвинат десната, христијанска опција во Македонија – бидејќи тоа им беше политички потребно во моментот. Кога две девојчиња од Чаир побегнаа од дома, наводно соочени со предрасуди на заедницата, полицијата на Оливер Спасовски ги фотографираше како ги враќа кај нивните патријахални родители, а ЛГБТ невладините организации овој скандал го премолчеа.
Можеби еден поинаков настап на Џихан Ахмед – да кажеше дека фокусот ќе и биде еманципацијата на муслиманските жени и поголема отвореност кон феномените на модерното општество – ќе беше позитивно примен кај хорот невладини набљудувачи во Собранието. Но, место тоа, таа се заложи за еден друг вид на феминизам – феминизам од првиот бран – чија цел беше да покаже дека жената може да биде успешна во семејството, јасно и традиционално верски определена, а сепак да биде и професорка и да претендира да биде јавна личност. Во ред, жена со три деца можеби нема да може да постигне да оди на сите семинари на кои биле активистите на Мрежата за заштита од дискриминација и коалицијата Маргини, и нема да ги знае сите членови на Истанбулската конвенција. Замисли да имаш деца за гледање, а да решиш да губиш време да одиш на вебинари каде некоја мачкарка со розева коса ќе ти објаснува како машкото може да стане женско, а женското може да прифати некој од бесконечниот број новоизмислени родови (конкретно познавање и застапување на тој елемент од Истанбулската конвенција не е доказ дека си не знам колку високо образувана и навебинирана личност, туку дека си послушник кој за грант или два е спремен да каже и да верува во секаква глупост).
Дали навистина можеме да кажеме дека начинот на живот и вредностите на еманципираниот, секуларизиран, феминизиран македонски дел од општество се толку по-успешни и супериорни во споредба со вредностите на нашите сограѓани – муслимани? Почнувајќи од простата репродукција која ја определува иднината на општеството, преку економската виталност, општата динамичност и самоувереност, очигледно е дека потсмевот со кој урбаното Скопје ја пречека оваа жена – муслиманка која ете, се дрзнала да се кандидира за една комисија низ која се и сешто поминало, не е многу заслужен. Слободно може да се каже дека муслиманските заедници во Македонија имаат многу поздрав баланс на еманципираноста (жените се сепак далеку од положбата во која биле некогаш) и традиционалното кое се уште е живо и гарантира дека заедницата ќе продолжи и ќе опстои.
Жените во Турција се имаат изборено за правото да учествуваат во јавниот живот носејќи видлив знак дека ја прифаќаат традицијата, и бараат начин да го помират модерното и традиционалното. Тоа е примерот што го наведе госпоѓата Ахмед, кој може да се смета како класична победа на феминизмот од првиот бран, за кој може да се каже дека бара подобра положба на жената во се уште функционално општество. Феминистките и феминистите од третиот бран кои ги пуштаме во Собранието (прашање на ден е кога ќе бараат да го направиме пет френдли) се претставници на дел од македонското општество кое е во непомирлива војна со своето минато и традиција, кое е просто неодржливо, и е во фаза на заминување/заменување со потрадиционални елементи кои се малку посериозни околу својот опстанок и продолжување.
Овој ќорсокак на левиот, либерален, трет-бран-феминистички светоглед го гледаме во Шпанија деновиве, каде што социјалистичкиот премиер Педро Санчез (фото) прекуноќ реши да легализира половина милион мигранти. Со тоа, шпанската левица и официјално го пензионираше својот слоган No Pasaran и го замени со Vamanos Amigos. Во другите европски држави, каде што на власт се партии од левицата или од лажната десница, се случува истиот процес, само што се уште внимаваат да се малку потивки по тоа прашање. Во Америка, соросоидните леви организации се активираа, и праќаат демонстранти да се конфронтираат со имиграциската полиција (со два смртни случаи досега). Затоа е урнебесно смешно што во екот на оваа радикализација на миграциските прашања, СДСМ реши да се профилира како нај-анти-мигрантска партија на Балканот, при што уште првата прес конференција на темата доктор Филипче ја почна со предупредувања дека мигрантите носат болештини. Партијата на секуларната (некогаш принудно секуларната) урбана левица, партијата збратимена со невладини организации кои промовираа абортус, бездетство како повиок начин на живот, кои имаа хистерични напади зошто во нивна Струмица се емитувал филм во кој се покажа како левите политичари веќе не знаат да одговорат што е машко, а што е женско… истата партија која со својот однос кон националните прашања, кон соседите, кон ДУИ, сигнализираше како одвај да чека Македонците како народ да бидат заменети, трансформирани или расселени… таа партија сега ќе лови мигранти додека нивните политички и идеолошки соборци низ западниот свет штанцаат пасоши и буквално гинат за да задржат некој мигрант повеќе. Барем не ни е досадно.

Македонски



