Skip to main content

Проект за проектирање проекти

„Во изминатите три години со поддршка на УСАИД  реализиравме проект за изработка на проектна документација“, овој „легендарен“ цитат го најдов во една од вестите, објавени деновиве во некој од добро медиумите обемно финансирани од УСАИД, преку кои оваа американска агенција се обидува да ги оправда своите активности во Македонија. Сепак, падот на УСАИД се случи толку бргу (во моментов додека го пишувам ова во Вашингтон буквално ги отштрафуваат буквите од зградата на УСАИД во неокласичниот комплекс владини згради меѓу Елипсата и хотелот на Доналд Трамп) што досега не видовме да се направи некој посериозен обид преку македонските медиуми да се брани сработеното од оваа некогаш моќна агенција. Наместо десетици колумни, текстови, телевизиски настапи и напади врз нас, кои „се радуваме“ на затворањето на УСАИД, гледаме само помал слабо координиран отпор од ентузијасти во медиумите, посебно тие кои релативно скоро се приклучија на политичкиот екосистем изграден врз американските донации па сега како да сакаат да компензираат. Во текстовите за одбрана на УСАИД, се прави обид таа да се претстави како агенција која првенствено им помагала на сиромашните рурални општини низ Македонија да изградат училишта. Како во примерот што го наведов погоре, честопати активностите на УСАИД биле „проекти за проектирање на проекти“, односно за „градење капацитети“ во општините или други општи бирократски фрази кои силно асоцираат дека добар дел од грантовите не само што биле потрошени залудно туку веројатно биле и поделени со грантодавателите и проневерени (знам, ова е сериозно обвинување, но Трамп и Илон Маск веќе отворено ја прогласуваат УСАИД за криминална организација и пералница на пари).
Да бидеме фер, некои од проектите на УСАИД имаат позитивен ефект во реалниот сектор и во животите на граѓаните – никој тоа не го спори, дека како земја сме добивале по неколку десетици милиони долари годишно за опипливи работи за кои претпоставувам дека треба да сме благодарни. Но ова ни во сон не ги оправдува длабоко исполитизираните, идеолошки водените проекти на УСАИД, исто така вредни десетици милиони долари, со кои се предизвикаа длабоки поделби во Македонија, упорно се промовираше една политичка опција, а се напаѓаше другата, се спроведе операција (операции?) за смена на власта, името, идентитетот и односот на силите меѓу етничките заедници во земјата.
Македонија е држава во Европа, со буџет од четири милијарди долари. Имаме многу сиромашни и неразвиени области и сектори, каде што секоја помош е добредојдена. Но деновиве се изнаслушавме како треба да молчиме и да не го критикуваме УСАИД затоа што купиле чаршафи за некоја болница, а и Џорџ Сорос во времето на грчкото ембарго ни позајмил неколку десетици милиони долари да купиме нафта – и поради тоа треба – што? Вечно да им бидеме во долг?
УСАИД спроведуваше политизирани проекти во тесна координација со Фондацијата на Сорос. Пари од овие проекти одеа за насилни улични протести на кои се напаѓаше полицијата, се изврши обид за упад во Владата и се запали канцеларија на Претседателот. За исполитизирани медиуми од кои сите координирано поддржуваа една политичка опција. За обука на судии и обвинители кои го урнисаа угледот на правосудството во Македонија, кои држеа луѓе во затвор до смрт, и ги користеа како пример за заплашување на граѓаните да не протестираат додека ни се менуваше името и идентитетот. Со овие пари, една политичка опција во јавноста се прогласуваше за криминална, а другата опција, и покрај јасните снимки (добро, на тежок струмички акцент) на кои нејзиниот водач бара мито, беше прогласувана за прогресивна, чесна и единствената про-западна опција за која треба сите да гласаме. Се печатеа мајци со една немушта несреќа од обвинителка и две бескрупулозни кариеристки, за кои да му е срам на човек денес да ги користи како крпи при кречење, се апсеа пратеници, се тепаа демонстранти и прикриваше криминалот и неспособноста на СДСМ. Медиумите и активистите на УСАИД ги преспаа годините на скандали и злоупотреби на власта во периодот под СДСМ и ДУИ, освен со повремени координирани настапи за да покажат дека се уште се тука и колку-толку да ги оправдаат грантовите кои продолжиле да течат. И покрај нивната релативна пасивизираност, јасно е дека ако проектите на УСАИД продолжат „како до сега“, тие ќе бидат инвестиција во следната шарена револуција, која некои од перјаниците на СДСМ веќе ја привикуваат.
До луѓето кои се обидуваат на овој начин да ги бранат активностите на УСАИД – дај не се правете наивни. Точно знаете што сте правеле, кој е карактерот и целта на УСАИД, што правеше американската администрација во Македонија, и зошто голем дел од македонската јавност почна да гледа на американските дипломати, па за жал и на Америка како држава, со длабок, длабок скептицизам.
Ама ете, од УСАИД и помогнале на општина Новаци да направи проект за правење повеќе проекти. Ок, да речеме дека и помогнале. Во исто време, со помош на парите од УСАИД се спроведе операција за промена на власта и на доминантна позиција во Македонија се донесе партијата ДУИ. Еден договор склучен  од вицепремиерот на ДУИ со американска градежна фирма дебело фаворизирана од Стејт Департментот Македонија ја чини милијарди долари – приближно колку што изнесуваат сите грантови и донации што УСАИД и ги дал на Македонија од независноста до денес. Во најдобар случај сме на позитивна нула, но ако ги броиме загубените години поминати под политичарите што ни ги бираа во Вашингтон и на Калето, ако ја броиме штетата по македонскиот суверенитет и регионален субјективитет, силното и непринципиелно фаворизирање на албанскиот фактор во Македонија, поделбите и потресите што ни ги предизвикаа во општеството само затоа што им се можеше.. штетите се немерливи.
Ретките бранители на УСАИД се обидуваат да ја покријат и втората голема слабост на активностите на оваа организација – ајде што спроведувале исполитизирани проекти кои на никој начин не можат да се оправдаат во рамките на нормалните односи меѓу две самостојни држави (активностите на УСАИД во Македонија се јасно кршење на Виенската Конвенција), овие политички проекти беа крајно пристрасни и секогаш одеа во полза на едната од двете политички страни во Македонија. Можеби, ако УСАИД еднакво помагаше медиуми, младински организации, активисти, економски експерти… од двете политички страни, па да видевме американски експерти и обучувачи и од левата и од десната опција во САД како работат со нивните македонски партнери, ќе речевме дека програмите можеби и имаат некаква поента. Ама и малите деца знаат дека тоа не беше случај и дека за УСАИД СДСМ беа добрите момци и партнери, а ВМРО-ДПМНЕ – непријателот. Бранителите на УСАИД деновиве упорно посочуваат една политичка обука што УСАИД ја правел со ВМРО-ДПМНЕ во 2019 година, како и тоа што голем дел од скудната реална помош за општините одела кај вмровски градоначалници. Како прво, градоначалниците на СДСМ се бројат на рака, па УСАИД и немал со кого да работи таму. Како второ, често пати бевме сведоци дека целта на овие проекти е да се подели ВМРО-ДПМНЕ, да се вметнат разни „реформатори“, фракции во партијата, да се кренат амбициите на некој градоначалник (како што своевремено му го сматија умот на Заев да помисли дека е капацитет за власт на државно ниво). Па дури има новинарски извештаи и за обид да се креира сериозна поделба во ВМРО-ДПМНЕ пред изборите во 2024 година, обид кој за среќа очигледно бил отфрлен.
Од друга страна, јасно е дека проектите на УСАИД насочени кон СДСМ беа со желба да се зајакне оваа партија, да и се обезбеди загарантирана коалиција со албанските партии (па дури и директно испорачани гласови од албанските средини), и непречено владеење без да се замараат премногу со критики од надвор за корупциските скандали или со обвинувања за политичките затвореници и прогонот кој оваа партија го вршеше. На крајот, може да се каже дека оваа непринципиелна американска поддршка за една политичка опција во Македонија беше контрапродуктивна за самата СДСМ.
Од една страна, сдсмовците се убедија дека патот кон власт им оди преку Калето и другите амбасади, а не преку гласовите на граѓаните. Од друга страна, поврзаноста на УСАИД со Фондацијата на Сорос, идеолошката радикализираност на спроведувачите на овие политички проекти и нивната одлепеност од мислењата на просечните Американци или Македонци, скапо ја чини СДСМ. Оваа некогаш релативно нормална партија која знаеше и да го брани македонскиот суверенитет и субјективитет, почна да прифаќа пазарни економски решенија и барем знаеше дека постојат машки и женски пол, беше преземена од постмодерни политичари кои се откажаа од националните позиции и ја задолжија Мила Царовска од ХЕРА за развојот на нашите деца. Наместо да го бранат УСАИД, СДСМ први треба да им подвикнат и да прашаат зошто им донесоа и финансираа политички радикали како Распеани Скопјани, Коља Мрак, Тричко, Мирко, Југослав, Развигор… Ако на некого му е потребна Десоросоизација и ДеУСАИДизација во моментов, тоа е токму на СДСМ, ако сакаат повторно да станат нормална политичка опција која може да биде прифатена од обичните македонски граѓани кои не се собираат во Бруталиск или Круг. Така да, дечки, знам дека ќе боли одвикнувањето од милионските грантови, ама на крај, може само да биде за ваше добро.

Поврзани вести