
Денес ќе ми подадат ружа. Ќе ми кажат „среќен празник“. Ќе ми зборуваат за силата на жената.
А јас мислам на жените што не го дочекаа овој ден. На жена што седум години била кршена – полека, систематски, пред очи на институции што „постапувале“. Седум години. Седум 8-ми Мартови во страв. На жена кон која се пука во сопствениот дом. На ќерка и татко убиени од поранешен партнер, па уште една смрт во истиот круг на насилство. Животи уништени во круг што сите го знаеме — насилство, молк, доцна реакција. Не ни требаат детали. Доволно е што повторно зборуваме за истото.
Колку 8-ми Мартови поминаа додека некоја жена чекала институциите да ја слушнат? Колку пати сме ја прашале „зошто не си замина“, наместо „кој те штити“? Колку пати насилството било „семејна работа“, додека не стане вест?
И ние денес ќе славиме? Не. Денес нема што да се слави.
Денес треба да се праша: Како е можно жена да пријавува со години и да остане незаштитена? Како е можно насилник да има повеќе шанси од жртвата? Како е можно секоја трагедија да нè „шокира“, а никогаш да не нè промени? Ова не се изолирани случаи. Ова е систем. Ова е култура што сè уште шепоти „трпи“, „среди се“, „деца имате“, „не изнесувај срам“. Ова е институционална млитавост што реагира кога веќе е доцна. Жената во ова општество не е небезбедна затоа што е слаба. Таа е небезбедна затоа што системот е слаб. Затоа што насилството се релативизира. Затоа што се верува на насилникот повеќе отколку на жената.
И додека делиме цвеќиња, некоја жена денес размислува дали да пријави. И додека честитаме, некоја жена денес се плаши да си оди дома. Ако ова е „празник“, тогаш тоа е најголемото лицемерие што сме го нормализирале.
Не ми требаат ружи. Не сакам цвеќиња што траат три дена. Сакам систем што ќе трае секој ден. Сакам пријава што значи заштита, не формалност. Ми треба држава што ќе реагира од првиот шамар, не од последниот куршум. Сакам општество што нема да чека трагедија за да се разбуди. Ми треба општество што нема да ја прашува жртвата што направила, туку насилникот што мислел. Ми треба правда што ќе стигне навреме.
Ако денес навистина славиме жена — тогаш да почнеме од основното: да ѝ обезбедиме право да живее без страв. И ако навистина ја почитувате жената — престанете да ја славите еднаш годишно и почнете да ја штитите секој ден.
Инаку, секоја честитка е празна.

Македонски

