
Пожарот во Кочани! Веста која го обиколи целиот свет! Уште една трагична вест која Македонија ја стави на врвот на светските медиуми. Најлошиот можен начин за видливост на државата во поширок контекст.
Што може паметно да се каже во вакви моменти? Што може да се каже во моменти на огромна загуба на млади животи, во моменти на болка и тага кај нивните деца, родители и семејства? Веројатно ништо! Ништо кое што ќе им ја ублажи болката или врати загубата на најмилите.
Но, дали може да се направи нешто со цел никогаш повторно да не се случи ваква трагедија? Секако дека може!
Зборовите на утеха ќе останат само зборови кажани во празно, доколку останеме само на нив без да преземеме конкретни чекори за темелно справување со причините кои доведоа до ваквите последици.
Македонија повторно е погодена од трагедија и завиена во црно. Овој пат најголемата од сите големи. Ваквите трагедии станаа циклична појава на ова поднебје кои како ендемска форма редовно се повторуваат за да не потсетат на нашата немарност, несериозност, непрофесионалност и алчност. Никако да ни дојде памет!
Тоа е трагедија која што ја шокираше целата јавност и буквално нѐ остави парализирани во неверување за тоа што го гледаме и слушаме. Катастрофа со огромни размери за земја како што е Македонија. Размери кои лесно можеа да бидат значително поголеми да не беше реализирана брзата и експресна реакција на надлежните институции кои се задолжени за пружање на првиот бран на помош.
Многу е важно тоа што институциите дејствуваа веднаш и целосно координирано. Самите очевидци на настанот, оние кои успеале да ги спасат сопствените животи, сведочат за брзата реакција на противпожарната служба и службата за итна помош кои најверојатно спречиле трагедија од поголеми размери. За жал, интервенцијата била недоволна за да се сопре огнената стихија и да се спречат сите последици кои настанале како резултат на несоодветноста на објектот во кој се одржувал настанот.
Болниците и медицинските установи веројатно го дадоа својот максимум во вакви услови, особено во услови на нивна запоставеност речиси деценија наназад. Мора да се потенцира фактот и впечаток кој се доби за медицинскиот персонал дека воопшто не се штедеше и подготвено реагираше на оваа несреќа од огромни размери.
На висина на задачата беше и огромното мнозинство на медиумите и новинарските екипи кои професионално известуваа во најкритичните моменти, особено оние во првите часови од несреќата доставувајќи навремени информации до јавноста, без притоа да шират паника или партиски мотивирани вести заради политички бенефит. Тоа што подоцна во денот се појавија и медиумски радикали, поддржани од партиски лиферувани соопштенија, не влијаеа на изместување на фокусот на општеството и сплотеноста во напорите за пружање на секаква помош кон настраданите и нивните семејства. Ваквите медиумски ектреми беа соодветно артикулирани со аргументирани одговори од страна на премиерот Мицкоски и министерот Тошковски.
Кога сме кај владините претставници и претседателот на државата, тие беа постојано достапни на јавноста, при што јасно информираа дека се превземени итни чекори за справување со последиците. Мора да се истакне фактот дека беа постојано на терен извршувајќи ја сопствената должност при што буквално од лице место ги ставија во погон сите институции и координираа со нивната активност. Независно од тоа дали се работи за непосредното пружање на помош на повредените или за итното утврдување на причините за несреќата и одговорност кај сите инволвирани, видовме слика на решеност за борба со сѐ она кое што доведе до ваквата несреќа.
Промптната реакција на државниот врв резултираше и со активирање на механизмите за меѓународна помош. Соседите и меѓународната заедница ги поддржаа сите напори на владата и позитивно одговорија на повикот за помош при справувањето со последиците од несреќата, пред сѐ за пружање помош и лекување на повредените и оние кои што се во критична состојба. Јасно се видливи напорите на владата и нејзината соработка со меѓународните партнери за да се обезбеди најдобар можен одговор на оваа трагедија. Ова е исклучително значаен момент за државата и граѓаните, кои во услови на трагедија и шок можеа да стекнат чувство дека институциите се организирани и функционираат, како и чувство дека Македонија има меѓународни пријатели кои ги ставија сопствените капацитети во функција на помош на повредените.
Во исто време можеше да се види целосна институционална мобилизација за да се утврдат фактите и да се обезбеди правдата. Можеше да се види цврста решеност и ветување од страна на премиерот дека ќе има храбри и одлучни чекори во наредните денови. Беа најавени нови мерки за реформа во институциите и целосна пресметка со корупцијата, мерки кои за многумина ќе бидат неочекувани, како што беше соопштено, но во секој случај мерки кои се неопходни за промена на корумпираниов систем кој егзистира во Македонија.
Какви ќе бидат тие мерки, останува набргу да видиме?! Но, факт е дека борбата против корупцијата мора да се спроведе на сите нивоа, од највисоко до најниско. Во нашата фокусираност како општество и постојаното занимавање со борбата против корупција на највисоко ниво, ги запоставивме сите останати нивоа кои остануваат под радарот на меинстрим информациите. Ја запоставивме борбата против корупцијата која граѓаните непосредно ја чувствуваат на сопствена кожа и во непосреден контакт со оние кои оперативно го контролираат теренот. Ги запоставивме сите оние поединци и структури присутни во македонските институции кои остануваат безимени и кои сменија бројни директори, министри и влади при што постојано го туркаа и туркаат својот личен интерес на штета на граѓаните. Ги заборавивме и сите оние од другата страна кои за дозвола преку ред, незаконска или фалсификувана дозвола ја создаваат спрегата и го комплетираат системот на корупција кој што владее во Македонија. Ако нема кој да корумпира, нема да има некој што ќе биде корумпиран, и обратно. Ги запоставивме сите оние кои со своето однесување буквално се одговорни за ваквите масовни убиства.
Борбата против корупцијата и криминалот не треба да се сфати како политичка битка. Тоа не е битка меѓу политичките партии. Тоа е битка на чесните со нечесните! Нив ги има насекаде во општеството, вклучително и во сите политички партии. Од тие причини зачудувачки беше онаа пресконференција оддржана од просториите и под симболите на СДСМ со која се направи обид за голо политизирање на трагедијата по принципот „држете го крадецот“. Тоа беше една исклучително лоша епизода во услови на шок и тага присутен кај целата нација.
Ова мора да биде широка борба за правда и одговорност. Борба поддржана од сите граѓани и политички ентитети. Оваа трагедија не смее да се претвори во меѓупартиска пресметка која повторно ќе ги релативизира последиците, а на крајот од денот ќе ги заштити виновниците. Токму виновниците и одговорните за ваквата состојба во државата се тие кои имаат интерес за меѓупартиска конфронтација со цел повторно да се сокријат од видното поле. Токму виновниците се тие кои посакуваат гневот на народот да се насочи во друг правец за да останат нечепнати и заштитени.
Од тие причини, сите граѓански, студентски или било какви форми на здружено искажување на револтот мораат да имаат свој фокус. Тој фокус не смее да биде политички. Тој фокус мора да биде составен дел од општата борба на чесните против нечесните и борбата за искоренување на злото и злосторниците кои го корумпираа целиот систем.
Во моментиве е потребна голема мудрост и решителност. Во моментиве е потребна целосна општествена и политичка сплотеност која дефинитивно ќе зададе фатален удар врз империјата на злото која непречено функционира во државата, благодарение на своите метастази кои што ги има насекаде. Во момнетиве е потребен фокус во борбата за правда и одговорност. Потребен е целосен ресет на системот. Оваа трагедија мора да претставува пресвртница во државата, во која наместо митото и корупцијата ќе завладеат правото и правдата. Оваа влада го има тој мандат и мора решително и сеопфатно да ги превземе сите чекори со цел да ја врати довербата во институциите и да стави крај на неказнивоста.