
Во галеријата „Марк Минјау“ во центарот на Брисел вечерва беше отворена изложбата „Невидливи светови“ на мултимедијалниот македонски уметник и филмски режисер Киро Урдин, со која тој уште еднаш пред публиката во Белгија се претставува со целиот арсенал на својата експлозивна уметност.
Со изложбата „Невидливи светови“, која ќе трае до 28 јуни, мајсторот на планетаристичкото движење се враќа со нов корпус слики на платно, цртежи и скулптури, дополнително истражувајќи ги перцепираните граници на нашето постоење, при што секоја точка во уникатниот визуелен јазик на Урдин ја поврзува фигурата со сите други елементи во космосот.
– Изгубен во препознатливиот потпис на уметникот – длабоки сини мориња, гледачот е транспортиран надвор од границите на материјалниот свет, на патување во бесконечна метафора на преродби, се наведува во најавата за изложбата.
Во неа се потенцира дека Урдин се етаблираше како авангарден уметник чие мултидисциплинарно творештво ги истражува поимите за духовноста, екологијата и меѓусебната поврзаност. Тој, потпирајќи се врз вековните традиции во еколошката уметност, како и Констабл или Моне, и врз длабочината и слободата воведени од меѓународниот апстрактен експресионизам и неговите рефлексии на индивидуалната психа, делото на Урдин дополнително го доведува во прашање местото на човештвото во универзумот.
– Загрижен за потемната страна на човекот и растечката неповрзаност со природата, визуелното истражување на Киро Урдин е фокусирано на поетскиот позитивизам, присилно ја деконтекстуализира претстават за просторот и времето, потпирајќи се на бојата како психолошки уред за директно активирање на емоцијата и духовноста. Изградена врз слоеви од масло, основата на неговите композиции со големи димензии прво ја истражуваат човечката ирационалност и ранливост на вознемирувачки гестурален манир. Во втората фаза, уметникот се стреми да ја врати контролата врз овој визуелен хаос, негувајќи ја сликата со геометриски и хроматски полиња кои генерираат нова рамнотежа, свежа основа за нов живот. Крајната иконографија функционира како осмотски дијалог помеѓу хаосот и рамнотежата, се додава во најавата.
Оваа изложба се надоврзува на минатогодишната „100 мали слики“ во Брисел, „Предок“ во Центарот за африканско културно и уметничко наследство во пролетта 2023 година и во „Ел Еспасио 23“ во Музејот на уметноста во Мајами „Перез“ во Мајами и неговата тројна изложба во Букурешт во текот на летото 2023,
Киро Урдин е роден 1945 година во Струмица. Во 1969 година дипломирал на Правниот факултет во Белград, по што работи како новинар. Во 1973 година заминува за Париз каде две години студира на Академијата за пластични уметности, а потоа во 1977 година и дипломира режија на Париската филмска академија.
Од 1982 до 1984 година работи како независен сликар во Франција, САД, Јапонија, Швајцарија, Шведска, Мексико, Белгија, Порторико, Филипини и Тајван.
Професионално слика од 1985-та, а веќе од следната година почнува со изложување на своите дела. Меѓу останатите градови изложувал и во Јокохама, Лос Анџелес, Лондон, Стокхолм, Братислава…
Во 1988 година, Урдин заминува во САД, каде во Њујорк и Холивуд режира четири филма.
Негово најпознато дело е „Планетариум“, масло на платно на површина од 48 квадратни метри, кое е резултат на неговото двегодишното патување од 1996 година низ целиот свет на локации како Ѕидот на плачот и Гробот на Исус Христос во Ерусалим, Њујорк, Берлинскиот ѕид, скопско Нерези, Охрид, Брисел, Кноке-ле-Зауте, Бриж, Париз, Рим, Помпеја, Пиза, Лондон, Стоунхенџ, Атина и Ртот Сунио во Грција, Суецкиот канал, Нил и Пирамидите во Гиза во Египет, Масаи Мара во Кенија, Мачу Пикчу, Куско, Бангкок, Забранетиот град во Пекинг, Кинескиот ѕид, Токио, Камакура, Мон Сен Мишел, Нуенен и Ајндховен. Сликата е изработена така што Урдин ја доработува на секоја нова локација што ја посетувал.
Сликата “Планетариум“, која како мултимедијален проект се вбројува меѓу првите уметнички дела во ликовниот правец мондидализам, е откупена и поставена во зградата на електронскиот гигант „Њувејс Електроник“ во холандскиот град Ајндховен.
За изработката на ова дело е снимен и документарен филм со истиот наслов „Планетариум“ во режија на Иван Митевски, кој е добитник на наградата за најдобар документарен филм на Меѓународниот независен филмски фестивал во Њујорк во 2005 година. Заедно со филмот е објавена и монографија со фотографии направени за време на двегодишното патување на Урдин.
На иницијатива на кореографката Деби Вилсон, „Планетариум“ беше презентиран и преку танц, за кој музиката ја компонираше Венко Серафимов. Премиерата на танцот „Планетариум“ се одржа во Танцовиот театар во Торонто, а потоа тој беше изведен и во Охрид, Хераклеја, Скопје, Чикаго, Анкара, како и во Женева на одбележување на 60-годишнината од формирањето на Обединетите нации.
Во 1997 година Урдин ја претставуваше земјава во Солун, која таа година беше културната престолнина на Европа.
Покрај со сликарство, Урдин се занимава и со режија и пишување, при што досега има режирано неколку краткометражни филма и објавено 15 книги со афоризми и една поетска збирка. Покрај тоа. Тој ги илустрирал и книгите „Борби за Европа“ на Жак Делор и „Моите најубави победи“ на Анатолиј Карпов.