
Последен пат со воз низ Македонија патував во 2023 година. Моја среќа беше дека токму на тој ден, Македонски Железници реши брзината на возовите на мојата делница да ја намали на 20 километри на час. Повеќето од патниците немавме поим за ова. Луѓе со испланирани средби, пријатели и роднини договорени да ги чекаат на станиците, се јавуваа да ги откажат/одложат плановите откако сфативме дека патувањето од 3-4 саати ќе стане целодневно. Се шегувавме дека треба да се воведат ноќни линии – таман ќе ја преспиеш ноќта и утредента си во Прилеп. Се сеќавам како во една од попатните станици кај Богомила, едно куче, со повредена нога, реши да се трка со возот. Кучето беше побрзо. На враќање, железници стапија во штрајк па сите патници од возот се упативме кон автобуската станица да бараме билети за назад. Повратните билет не ги рефундираа.
Додека се клацкавме така, имајќи вишок време на располагање, ја разгледував мапата на Балканот и барав податоци за товарниот железнички сообраќај. И покрај нашето мислење дека како централна крстосница на Балканот сме клучни за сообраќајот во регионот, бргу ми стана јасно всушност линијата низ Бугарија, по долината на Струма до Софија, е доста поважна за регионалната трговија од железничката линија по должината на Вардарот. Иако рутата низ Македонија е побрза и подиректна, Бугарија и Романија имаат пристап до фондовите на ЕУ и можат да ја развиваат својата инфраструктура доста побрзо. Уште и ако остане ограничувањето на брзината и можеме да заборавиме на единствениот активен товарен коридор што го имаме. И тоа во време кога Кина ги развива пристаништата во Солун и Пиреа, кои ги купи од Грција во време на нејзиниот финансиски банкрот, и ги користи како алтернативен начин за транспорт на своите производи до срцето на Европа (покрај во моментов за неа главното пристаниште во Ротердам).
Се потсетив на ова неодамна, кога на социјалните мрежи се рашири веста дека Романија очекува сериозни инвестиции како дел од проектот Три Мориња, за изградба на патна инфраструктура која практично ќе биде паралелна со коридорот 10. Иако овој проект е далеку од реализација, и од наша гледна точка би бил конкуренција за робата и патниците кои одат кон Истанбул, не кон Солун и Атина, сепак неколку дена на мрежите се ширеше катастрофичен дефетизам, за тоа како Македонија ќе ја загуби својата стратегиска позиција ако нешто не направиме.
И еве, неколку месеци подоцна, нешто правиме. Македонија нема пристап до европските фондови, а од геополитички причини не смее да бара инвестиции од истокот (иако најголем потенцијал за транзит низ Балканот доаѓа секако од Кина, која финансира голем инфраструктурен појас токму по линијата исток – запад). Решението се најде во вид на соработка со западна сила која не е во Европската Унија – Британија. И повторно почнаа катастрофичарите да обвинуваат дека проектот ќе биде прескап, не ни потребен со сегашното ниво на трговија со Грција, или пак ќе го платиме со доселување мигранти (зошто ова ми звучи неверојатно коментирав тука – https://republika.mk/kolumni/strateshki-presvrt/).
Која е цената што Македонија ќе ја плати ако од балканска крстосница стане слепо црево? Ако нашите соседи развијат инфраструктура, поради што ќе ја загубиме единствената причина за нешто добро да се појавиме на геополитичките мапи во регионот? Колкава ќе биде тежината на нашиот глас во Брисел и Вашингтон ако единствениот стратегиски важен коридор што го имаме се сведе на пат за Скопје и Ниш да одат на море?
Македонија нема избор освен да ги развива коридорите север – југ и исток – запад, и така да се стекне со геополитичка тежина во регионот и во Европа. Дотолку подобро ако со овој проект си стекне и нешто што очајно и требаше а досега го немаше – сериозна европска сила како партнер приемчив за македонските национални интереси. И ако навистина успееме да станеме алтернативен (пократок) пат за источната трговија со Европа, поради што брзата пруга стане исплатлива, па дури и извор на приходи во иднина.
Во неделите и месеците што доаѓаат многу ќе се зборува за стратегискиот договор со Британија, но едно е јасно – ако сакаме да успееме, мораме да се запишеме на мапата.