
Американската Влада објави дека од следниот месец ќе започне со наплата на неплатените студентски долгови, вклучително и со заплена на плати.
Според соопштението на американското Министерство за образование, мерката ќе опфати над пет милиони лица кои веќе доцнат со отплатите. Дополнителни четири милиони Американци значително заостануваат со плаќањето.
Претседателот Доналд Трамп во 2020 година го стопираше отплаќањето на студентските заеми како дел од мерките за поддршка за време на пандемијата на Ковид-19. Овој период потоа беше продолжен од неговиот наследник, демократот Џо Бајден, кој неколкупати се обиде да отпише дел од долговите.
Сепак, во 2023 година, Врховниот суд, со конзервативно мнозинство, ги поништи поголемиот дел од тие мерки.
Министерката за образование Линда Мекмеон објасни дека повторната наплата е неизбежна бидејќи Владата „нема уставни овластувања за отпишување на долгот“ и ја критикуваше политиката на администрацијата на Бајден како „неодговорна“.
Засегнатите лица ќе добијат официјално известување по електронска пошта во рок од две недели, со најава дека заплената на плати ќе започне во текот на летото и ќе ги засега и социјалните надоместоци и враќањето на даноци.
Организацијата „Центар за заштита на студентските должници“ ја нарече мерката „сурова“, предупредувајќи дека ќе го влоши животот на работничките семејства.
Западни медиуми посочуваат дека високо образованието во САД може да чини од 10.000 до 70.000 долари годишно, поради што многу дипломирани лица започнуваат со живот обременети со долгови. Според податоците на Министерството за образование, 42,7 милиони Американци должат вкупно 1.600 милијарди долари поради студентски заеми.
Центарот „Пју“ прецизира дека до 2023 година, секој четврти возрасен Американец под 40 години имал просечен долг меѓу 20.000 и 25.000 долари.