Skip to main content

Грешки коишто не смеат да ни се случуваат

Често, наши познати и истакнати политичари, аналитичари, новинари… погрешно интерпретираат важни настани од нашата неодамнешна историја. Дали од незнаење, или…, и не е битно. Тие не внимаваат доволно на нивната главна алатка, ама и обврска – зборот.

  1. Мнозина, за нашата држава зборуваат како таа да постои 30, а не 80 години. Користат дури и епитет – „млада држава“! Не им е ли јасно дека и во федерации се држави, исти како и самостојните? Современата македонска држава, а пред тоа имаше и други, основана е на 2 август, 1944 година. По толку години, ниту една држава не е „млада“, а државничкиот стаж може да го сметаме НАЈМАЛКУ од тогаш. Епитетот „млада“ е навредлив, а ние самите се – девалвираме!

На 8 март 2025, во вестите на ТВ „Сител“, во 19.00, Пендаровски рече – „со историја на државност од 30 – 40 години, не треба да се истрчуваме“!? Застрашувачко. Ако на „преЦеднико“ не му е јасно од кога сме држава… Впрочем, него Радев го леташе, и веројатно тој му го измил мозокот!

  1. Самитот на НАТО во Букурешт, во 2008 година, е еден од клучните настани од нашата понова историја, со долгорочни последици. Ако бевме тогаш примени во алијансата, со референцата, како што се очекуваше, македонското сценарио ќе се одвиваше сосема поинаку. Немаше да бидат можни катастрофите кои следуваа – договорот за (не)пријателство и протоколите со Бугарија, Нивици, „Тиранската платформа“…

Во вода ќе паднеа сите планови и сценарија за промена на името на државата и разнебитување на македонскиот народ. Токму затоа, во Букурешт, Македонија НЕ СМЕЕШЕ да стане членка на алијансата. За тоа секако не одлучуваше Грција. И ние ќе бевме „внатре“ и потоа никој не ќе можеше да нѐ прекрстува и присилува на историски порази и капитулации.

Во земјава, речиси никој нема точна претстава што се случуваше на самитот а, во јавноста, често се повторуваат погрешни оценки. „Вина“ за тоа носи и Грција, којашто уште таму, на лице место, заради домашни потреби, лажно се пофали дека ставила вето на нашиот прием! Тоа немаше никаква врска со вистината. За нашите политичари и набљудувачи, пак, тоа беше добредојдено како оправдување за доживеаниот неуспех. Неодамна, за да нема никакви дилеми за нивната улога во Букурешт, поранешниот МНР, Коѕијас, јавно потврди дека грчко вето – немало!

Воопшто не мораше да чекаме Коѕијас да ни ја каже вистината. Само требеше да се следи најпростата логика – може ли некој да замисли дека САД сакале Македонија да стане членка на НАТО, арно ама – Грција ги спречила!? Такво нешто во алијансата е незамисливо, камоли возможно!

Забуната за настаните во Букурешт е резултат и на изјавата на тогашниот американски претседател, Џорџ Буш. Тој кажа дека утредента, Албанија, Македонија и Хрватска ќе станат нови членки! Другите две земји беа примени. Тој беше на крајот од мандатот и сакаше да го приврши со зајакнување на јужното крило на алијансата, што би била негова заслуга.

Нема друг случај американски претседател да биде демантиран ден по изјавата! И не само тоа. Потврдено е дека истата вечер, по изјавата за Македонија, Буш (дури!) го молел турскиот претседател, Абдула Ѓул, да не го блокира членството на Албанија и Хрватска, заради Македонија! Се шпекулираше дека ако Македонија не влезе, Турција нема да дозволи прием на другите. Буш инсистирал за другите бидејќи ако немаше проширување, тоа ќе беше негов голем неуспех.

Подлабока анализа јасно покажува дека членството, најавено и од Буш, беше спречено пред се’ од неговите соработници, а не од Грција. Кога ќе се состави мозаикот, станува кристално јасно дека членството на Македонија во НАТО, под референцата, не се вклопуваше во долгорочните американски планови и сценарија за земјата, а Буш наскоро заминуваше. Тоа беше нашиот хендикеп. Ако беше тој барем на средината на мандатот, нашите шанси за прием ќе беа – реални. Тоа е вистината. Американската делегација, со озлогласената Нуланд, работеше за периодот после Буш. На заминување, тој беше жртвуван за американските балкански интереси.

Ова беше нова директна потврда дека, во Стејт департментот, ама и во другите (надлежни!) служби, најточно – кај „длабоката држава“, има(ше) поинакви намери за Македонија! Целта беше, и барем за сега останува – затворање на „Македонското прашање“.

Од распадот на Југославија, та се’ до денес, потврдите за тоа се – многубројни. А тоа е можно само со прекрстување на државата, а со тоа и на народот, што е направено по Букурешт. Подолу ќе се потсетиме дека во 2004 беше албанизиран дел од земјата а сега, со финална бугаризација на Македонците, проектот се затвора. Регионалните интереси на САД, филигрански се спроведуваат.

Со двата потези, коишто Буш ги презема кон Македонија по Букурешт, тој директно ни потврди дека не станавме членка бидејќи неговите го оставија на цедило. Ако ние бевме жртва на грчко вето, тој немаше никаква потреба да презема такви чекори! Ќе оставеше да ѝ се „лутиме“ на Атина.

Свесен дека со неговата изјава ни создаде ем нереални очекувања, ем големо разочарување, тој чувствуваше потреба да ни даде утешни награди! Тоа и го направи. Првиот негов потег беше поканата за претседателот и премиерот, Б. Црвенковски и Н. Груевски, за крајно невообичаена средба во Загреб, каде одеше во посета! Практично, тој се дистанцира од американските политики! Тоа може да се смета и како лично извинување кон Македонија!

  1. Кусо потоа, на 7 мај 2008, Буш ни пружи и втора сатисфакција. Тогаш, двата министри за надворешни работи, К. Рајс и А. Милошоски, во Вашингтон потпишаа „Декларација за стратегиско партнерство и соработка меѓу САД и Македонија“. Тоа е документ, на околу една страница, којшто во земјава се толкува сосема погрешно. Сите зборуваат за договор за стратегиско партнерство, што нема никаква врска со вистината. Декларација е, сепак, само – „изјава“.

На Пендаровски, и ова не му е јасно. Во спомнатото интервју за ТВ „Сител“, рече – „Имаме договор со САД за стратегиско партнерство, од 2008“!? Поразително, што друго.

Прво и основно, договор за стратегиско партнерство не може да биде на една страница. Тоа се содржајни документи, каде има што да се чита. Овде – нема. Изјава, пак, може и на пола страница. И, клучно, оваа декларација е „празна“ и нема никакво објективно влијание врз односите меѓу двете земји. Таа е само лично утеха од Буш, по заедничкиот неуспех во Букурешт. Поточно, симболично извинување за американското спречување на нашето членство во НАТО. Ништо повеќе.

  1. Кај нас, слични непознавања на фактите се повторуваа и околу медијацијата на Нимиц. Место за медијација, полуписмените од сите нивоа во државава, зборуваа за – преговори за името! Тоа се две дијаметрално различни работи. Речиси на сите им импонираше да зборуваат и пишуваат за – преговори, со што директно се девалвираше нашата позицијата во спорот. Самите си подметнувавме дека преговараме за името, што би било грубо кршење на Уставот! За Грција, се разбира, тоа беа и те како – преговори! Тоа ја зајакнуваше нивната позиција.

Да биде срамот максимален, и нашите поштари, испратени кај медијаторот, се претставуваа како преговарачи! Ако преговараа, тие нешто и ќе договореа, а такво нешто немаше. Бесрамно, и крајно безобразно, си ја зголемуваа функцијата. Во дипломатијата, тие се нарекуваат – офицери за врска. Тие носеа пораки од раководството на државата кај Нимиц а, од таму – предлози. Немаа никаков мандат за преговарање.

  1. На разни начини, повторно сосема погрешно, се толкува и американското привремено и делумно (билатерално) признавање на нашето уставно име, од 5 ноември 2004 година. Настанот беше максимално злоупотребен од власта на СДСМ, иако намерата на САД беше подла и неприфатлива. Целта им беше да не успее референдумот, којшто требаше да ја спречи новата административна поделба на земјата, со која неповратно се албанизираа нејзини делови, во што успееја.

Одлуката во Вашингтон беше донесена вечерта, спроти референдумот. Тоа потврди дека за нив – албанизацијата на земјата беше поважна од се’. Тоа е само нов доказ за нивните вистински политики. Во тој чин немаше никаква поддршка за Македонија, иако Грција се правеше погодена. Шаховски кажано, (само привремено!) САД жртвуваа дури кралица, за да реализираат долгорочни планови, за наше разнебитување!

Дека беше токму така, на 5 ноември 2004, на прес конференција, јасно кажа портпаролот на Стејт департментот, Ричард Бучер (Richard Boucher). Тоа го има на Интернет.

Ова се сериозни и непростливи грешки, за коишто нема никакво оправдување. Спомнатите, а има и многу други, имаа(т) тешки последици за земјата.

Поврзани вести