
Јавниот обвинител Ненад Савески оствари средба со италијанскиот амбасадор Паоло Палминтери, на која беа разгледани соработката меѓу двете земји и поддршката на Италија во областа на владеењето на правото. Од Јавното обвинителство соопштија дека на средбата станало збор и за предизвиците со кои се соочува обвинителството.
Соработката на Јавното обвинителство со Република Италија е екстензивна, а Италија како еден од најсилните поддржувачи на Македонија во ЕУ е силно заинтересирана за владеењето на правото – стои во соопштението.
Италијанскиот амбасадор ги презентирал досегашните активности, вклучувајќи ги и меѓуинституционалните меморандуми за борба против еколошки криминал и заштита на културното наследство.
Соговорниците разговарале и за идните активности, недостигот од јавни обвинители и ресурси, како и обврските од реформската агенда.
Савески и Палминтери се согласија дека од стабилноста и сигурноста на овој регион зависи и европската стабилност, бидејќи криминалните мрежи се поврзани меѓу себе – велат од Обвинителството.
Од таму додаваат дека Италија е подготвена да ја засили поддршката за обвинителството, имајќи предвид дека владеењето на правото е клучен дел од процесот на пристапување во ЕУ.

Македонски

