![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/screenshot_2-17-1024x624.jpg)
На денешната прес-конференција беше соопштен проектот кој ќе не претставува на годинешното Биенали во венеција, каде по седум години повторно ќе се претставиме во престижниот простор Арсенале.
Во согласност со одлуката на стручната комисија, проектот „Страда бруталисима“ на авторите д-р Благоја Бајковски, д-р Ана Рафаиловска, м-р Невенка Манчева Аџиевска, м-р Марија Антиќ Николовска, во организација на Националната галерија на Македонија, ќе ја претставува Македонија на 19-тата Меѓународна изложба на архитектурата во Венеција. Комесари на изложбата се Фросина Зафировска и Маја Неделковска Брзанова. За одлуката на комисијата и за самиот проект подетално ќе ве информираат присутните.
Искрени честитки до авторите на проектот „Страда бруталисима“, до комесарите и до сите соработници на овој проект. Уверен сум дека достојно ќе биде претставена Република Македонија, со што ќе дадеме свој придонес кон размената на нови искуства, идеи и енергија на полето на архитектурата, рече министерот Љутков.
Професорот на Архитектонскиот факултет кој е и дел од стручната Комисија задолжена за избор на проектот, Јован Ивановски денеска на прес-конференција информираше дека на конкурсот пристигнал еден проект – „Страда бруталисима“, при што е одлучено дека истиот соодвествува на условите и на критериумите за учество на Венециското биенале.
-Во однос на работата што ја имавме како Комисија, во октомври добивме задача од Министерството за култура и туризам да поднесеме извештај, односно да ги разгледаме пристигнатите проекти за конкурсот. На конкурсот пристигна еден проект – „Страда бруталисима“ и од таа страна изостана компаративниот преглед, бидејќи беше само еден труд. Но, од друга страна, тоа не беше недостаток туку напротив, Комисијата гледаше продлабочено во она што е содржина на тој труд. Имавме консултации, баравме одредено дополнување на програма која што веќе беше обемна, така што на крајот имавме добар увид во она што е предложено и одлучивме дека предложениот проект соодветствува на условите и на критериумите за учество на Венециското биенале, рече Ивановски.
Тој напомена дека проектот има три нивоа низ кои што може да се согледа. Првото ниво, како што рече, е документарно истражувачко кое што е поврзано со историското наследство на модерната архитектура во државата, поточно во Скопје. Второто ниво е критичко рефлексирано. Ивановски објасни дека има серија на луѓе кои што се поканети да се осврнат на она што е наше модернистичко наследство и да дадат свој увид. Третото ниво е уметничко креативно, сето тоа да се преточи во уметничка поставка и тоа да се изложи во Венеција.
Како што рече, предмет на истражување на проектот се капиталните дела на македонската модерна архитектура по земјотресната обнова на Скопје.
Автор и куратор на проектот д-р Благоја Бајковски, на прес-конференцијата напомена дека „Страда бруталисима“ ја става во фокус бруталистичката архитектура на Скопје, која е еден уникатен и парадигматичен слој од постземјотресната историја на градот. Тој рече дека „Страда бруталисима“ не пристапува кон овој слој како носталгичен номаж на минатото, туку како кон еден динамичен извор на знаење, кое може да биде вткаено кон современата архитектонска дисциплина.
-Самиот наслов е инспириран од централната поставка во објектот на Арсенале на првата Интернационална изложба на архитектура во Венеција во 1980 година, курирана од познатиот италијански архитект Паоло Портогези. Неговата изложба отвори прашања за постмодерната архитектура, преку една инсталација во вид на улица долга 70 метри, на серија од фасади, кои беа проект на 20 исклучително влијателни архитекти од целиот свет, рече Бајковски.
Тој потсети дека по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Скопје го прифати брутализмот од различни извори.
-Визионерскиот мастерплан на Кензо Танге за реконструкција на центарот на градот стана од клучно влијание, обликувајќи го неговиот доцен модерен интегритет, а македонските архитекти интегрираа влијанија од пошироката меѓународна пракса. Со текот на времето, бруталистичката архитектура прерасна во еден специфен слој на урбаното ткиво на Скопје препознатлив по своите зрели форми, структурални иновации и искреноста во нивната материјалност, додаде Бајковски.
Како што напомена, главната цел на „Страда бруталисима“ е да ја активира архитектонската интелигенција, вткаена во бруталистичкото наследство на Скопје. Во овој контекст, како што посочи, улицата претставува еден вид на кураторска алатка за обликување на патеката на ново архитектонско знаење.
Директорката на Национална галерија Маја Неделковска-Брзанова рече дека „Страда бруталисима“ го става акцентот на еден од најзначајните периоди во историјата на Скопје – реконструкцијата по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, за кое што потенцира дека е особено важно како проект од национален интерес, бидејќи претстаува и афирмира дел од богатото архитектонско наследство на нашата земја.
-Од овие причини Националната галерија го поддржа проектот, верувајќи дека со вакви проекти продолжуваме да го продлабочуваме нашето разбирање за културниот и архитектонскиот идентитет, рече Неделковска-Брзанова на прес-конференцијата.