
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска, како дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, присуствуваше на одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката, при што во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце беше положено свежо цвеќе во чест на илинденците и асномците, кои со својата борба ги поставија темелите на македонската државност.
По оддавањето почит во Пелинце, владината делегација, заедно со висока делегација на Република Србија, го посети манастирот „Св. Прохор Пчињски“, каде положи свежо цвеќе во спомен-капелата, оддавајќи почит на историското значење на ова место за современата македонска држава.

Министерот Тошковски истакна дека Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ претставуваат два столба на македонската државност и симболи на вековната борба за слобода, правда и национално достоинство.

-Денес оддаваме почит на луѓето кои со својата храброст и саможртва ни ја оставија најголемата обврска – да ја чуваме и развиваме државата што ја создадоа. Наш долг е да го продолжиме нивното дело, да ги чуваме слободата, единството и институциите и да изградиме сигурна, стабилна и просперитетна Македонија за идните генерации – истакна министерот Тошковски.

Тој нагласи дека историските идеали на Илинден и АСНОМ и денес претставуваат силна инспирација за градење демократска, безбедна и достоинствена држава, во која владеењето на правото, единството и грижата за граѓаните остануваат врвни вредности.

По повод Денот на Републиката, министерот Тошковски упати честитка до сите граѓани, посакувајќи празникот да биде потсетник на заедништвото, истрајноста и одговорноста кон татковината. а

Македонски


