
На 88. седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците беше разгледан предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка, поднесен од група пратеници.
Комисијата го усвои и комисискиот амандман и го проследи предлог-законот на натамошна постапка во Собранието. Пратеникот Антонијо Милошоски ги образложи предложените измени потенцирајќи дека станува збор за парцијални измени, со кои се предвидуваат построги санкции поврзани со перењето пари, финансирањето тероризам и конфискацијата на имот.
Целта е да се зацврсти позицијата на Македонија во рамките на СЕПА во единствената платежна европска агенција. Втора работа предвидена со парцијалните измени е во членот 297 од Кривичниот законик, а се однесуваат на кривичното дело безобѕирно управување со моторно возило. Измените се предложени на барање на Министерството за внатрешни работи за подобро да се регулира овој член и да се обезбеди полесна примена на одредбата во пракса – рече Милошоски.
Во однос на комисискиот амндаман, Милошоски рече дека во членот 4 од предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик се менува членот 394. Со амандманот се предлага дополнување на членот со кој се предвидува затворска казна од една до десет години за сторител што ќе ги изврши делата според околностите и личните својства бил должен или можел да биде свесен за можноста од настанување на штетната последица, иако не бил свесен за таа можност, ќе се казни со затвор од една до десет години.
Рече дека и тој и пратеничката Весна Бендевска сметаат дека комисискиот амандман е компатибилен со предложеното и придонесува кон заокружување на законското решение.
Комисијата со која претседавеше пратеникот Јован Јаулески го усвои комисискиот амандман и го проследи предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик на натамошна постапка во Собранието. За известител на собраниската седница е определен пратеникот Антонијо Милошоски.

Македонски



