
На денешната надзорна расправа за Алта Банка во рамки на собраниската комисија за финансирање и буџет премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање на пратеникот Борислав Крмов за тоа дали ќе понесе одговорност доколку Алта Банка оди под стечај и како ќе се продава Алта Банка ако нема дозвола од Агенцијата за осигурување на депозити на Србија, истакна дека доколку не ја познава процедурата и начинот на кој што може да се делува за решавање на ситуацијата најдобро е да не одмага со ширење на гласини, туку да се остават луѓето коишто знаат да ја решат работата и банката да добие купец и да продолжи да функционира.
Поврзано со стечајот мислам дека не ви е позната методологијата и начинот на којшто се делува во периодов согласно закон и согласно Устав. Меѓутоа претпоставувам дека луѓето коишто се викнати од Народната Банка ќе ви дадат одговор, иако јас ја знам процедурата и ова што го тврдите е апсолутно неточно и невистинито. Така што ве молам и вас најљубезно, ако не сакате да помогнете ве молам најљубезно немојте да одмагате. Оставете на тие што знаат и што сакаат да помогнат да ја решат работава и да не оди банката во стечај, туку да си добие купец и купецот понатаму да си ја среди и да си ја управува онака како што купецот мисли дека треба. Се разбира согласно применливото право и закони коишто ги има народната банка и државата“, потенцираше Мицкоски.
На прашањето на пратеникот Крмов дека постоеле гласини дека од страна на Владата се препорачувало на македонски институции да депонираат средства во Алта Банка, Мицкоски истакна дека никогаш не би се впуштил во такви авантури и дека надзорната расправа не треба да се базира на гласини туку на факти.
Што се однесува до гласините, јас пак сум слушнал некои други гласини дека вие како политичка партија сте барале поголема камата за да орочите повеќе пари за да купите деловен простор во Битола, па бидејќи не ви дале поволна каматна стапка во таа банка сте се обиделе во една друга банка и со кредитот кој што сте го земале сте купиле деловен простор на прв спрат, а на приземје сте отвориле кафе бар. Има и такви гласини. Сега да видиме на кои гласини ние ќе веруваме и дали гласините се правилна алатка во политиката или пак гласините преставуваат средство за манипулирање. Затоа јас би го задржал достоинството и нивото на оваа надзорна расправа и би се држел до фактите, а не до гласините, бидејќи ако зборуваме за гласини тогаш ќе ни требаат повеќе вакви надзорни расправи. Затоа подобро да не зборуваме за гласини туку да се држиме до факти. Апсолутно такви факти не постојат. Ниту јас, ниту пак било кој друг има намера на таков начин да се однесува, бидејќи во животот има една клучна лекција што треба да ја научите, да не ги повторувате грешките на тие што веќе тие грешки ги направиле. А такви политичари коишто охрабрувале или охрабруваат ги гледаме не само во регионот, не само кај нас во државата туку малку и пошироко. Така што на памет не ми паѓа да влегувам во било какви авантури од овој тип какви што вие слушате гласини“, нагласи Мицкоски.

Македонски



