Skip to main content

Мицкоски за правосудниот испит: Се чека мислење од Венециската комисија, кое е задолжително за преговорите со ЕУ, претходно 20 години никој не барал решение

До македонското Собрание не е доставен закон за полагање правосуден испит и затоа не може нешто да се повлече. Она што е доставено до Венециската комисија е материјал  во форма на закон, врз основа на кој ние, т.е. Владата бара мислење – појасни премиерот Христијан Мицкоски од говорницата на македонското Собрание.

Во одговор на прашањето на пратеникот Скендер Реџепи за законот за правосудниот испит, Мицкоски истакна дека мислењето на Венециската комисија треба да се почитува во согласност со преговарачкиот процес за ЕУ и воедно изрази жалење што никој во изминатите 20 години претходно не сакал да најде решение за ова прашање.  

Она што е доставено до Венециската комисија е материјал во форма на закон за кој бараме мислење и чекаме таа да даде мислење. Кога тоа мислење ќе биде готово, тогаш ќе носиме одлука што понатаму, но првин да го причекаме мислењето на Венециската комисија затоа што не знаеме дали ќе се најде законот во Собранието ако мислењето е негативно. Тогаш ќе треба и вие да го прифатите – рече премиерот Мицкоски одговарајќи му на пратеникот Реџепи. 

Мицкоски додаде дека доколку мислењето на Венециската комисија е позитивно за предлогот, тогаш ќе треба да го прифатат сите, вклучително и пратеникот Скендер Реџепи бидејќи, вели, не сака да верува дека современ пратеник не сака да почитува мислење на Венециската комисија, која е дел од преговарачкиот процес, и критериумите, кои се дел од француската методологија од 2019 година. 

Да почекаме какво ќе биде мислењето и потоа да носиме одлуки што ќе биде понатаму. Досега процесот се водеше многу транспарентно, јас жалам што повеќе од 20 години, во кои имало министри од секаква етничка припадност, од секаква политичка припадност, не успеале да го поместат ова прашање, па дури и откако е донесен Законот за употреба на јазиците. Но еве сега дојде време за да разгледуваме некое решение, но за да дојде пред пратениците и го браниме заедно со министерот за правда, ние ќе треба да го почекаме најпрвин мислењето од Венециската комисија – нагласи премиерот Мицкоски.

Што се однесува за честитиките за новиот градоначалник на Брвеница, премиерот Мицкоски од говорницата честита, но побара од пратеникот Реџепи да се идентификува од која коалиција доаѓа.

Јас му честитам на кандидатот што стана градоначалник. Ако вие се идентификувате сега како дел од коалицијата од која беше кандидатот во Брвеница, тогаш еве ви честитам и на вам. Само така треба да останете принципиелен во тоа идентификување и во други работи. Затоа што понекогаш се однесувате ова да го гледате како шведска маса. Кога вам ви одговара, велите не сте дел од таа политичка партија, која сега има градоначалник на Брвеница, а кога тоа ви одговара, тогаш велите „јас сум таму“. Но, еве, јас сум  сериозен човек, пред сѐ, и ако вие се чувствувате како победник и дел од таа коалиција, ви честитам. И тука не треба да имате никаква дилема-рече Мицкоски. 

​Премиерот Мицкоски вели дека тој е човек кој политиката ја гледа како маратон, а не како спринт на 100 метра. 

Овој пат авионите победија. Можеби следниот, можеби и тој потоа, но еден ден нема да победат, е тој ден вие ќе ми честитате мене, а  јас ќе чекам и ќе ве најдам да ми честитате. Јас ова го сметам како уметност, а не како игра на брзи прсти и во таа уметност има многу, многу стратегија. Таа стратегија се прави со ум, не со сила на авиони. И еден ден повторно ќе се сретнеме кога вие мене ќе ми честитате-рече Мицкоски.

Поврзани вести