Skip to main content

Mицкоски за Правосудниот испит: Го чекаме мислењето на Венецијанската комисија и тогаш ќе носиме одлука што понатаму

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања во врска со полагањето на правосудниот испит истакна дека се чека мислењето од Венецијанската комисија бидејќи врз основа на тоа мислење треба понатаму да се постапува затоа што мислењето на комисијата треба да се почитува согласно преговарачкиот процес за ЕУ, воедно изрази жалење што никој во изминатите 20 години претходно не сакал да најде решение за ова прашање.

„Она кое што е доставено до Венецијанска комисија е материјал во форма на закон за кој бараме мислење и чекаме Венецијанската комисија да даде мислење. Откако тоа мислење ќе биде готово, тогаш ќе носиме одлука што понатаму, но прво да го сочекаме мислењето на Венецијанската комисија, затоа што не знаеме дали ќе се најде законот во Собрание ако мислењето е негативно. Тогаш ќе треба и вие да го прифатите“, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеникот Скендер Реџепи.

Премиерот Мицкоски додаде пак дека доколку пак мислењето на Венецијанска комисија е позитивно врз основа на предлогот, тогаш ќе треба да го прифатат сите вклучително и пратеникот Скендер Реџепи, бидејќи не сака да верува дека современ пратеник не сака да почитува мислење на Венецијанска комисија која е дел од преговарачкиот процес и критериумите кои се дел од француската методологија од 2019 година.

„Да почекаме што ќе биде мислењето и потоа да носиме одлуки што ќе биде понатаму Досега процесот се водеше многу транспарентно, јас жалам што повеќе од 20 години во кои имало разни министри од различна етничка припадност, од различна политичка припадност не успеале да го поместат ова прашање, па дури и откако е донесен Законот за употреба на јазиците. Но еве сега дојде време за да разгледуваме некое решение, но за да дојде пред пратениците и истото го браниме заедно со министерот за правда ние ќе треба да го почекаме најпрвин мислењето од Венецијанска комисија“, нагласи премиерот Мицкоски.

Поврзани вести