
По завршувањето на сеопфатниот процес на преговори со претставниците на приватните здравствени установи, Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) на денешната седница ги утврди формата и содржината на новите договори за купување здравствени услуги, кои ќе се применуваат од 1 јануари 2027 година, соопштија од Фондот.
Со склучувањето на новите петгодишни договори се обезбедува континуитет во здравствената заштита на осигурениците, поголема стабилност и предвидливост во работењето на здравствените установи, како и унапредување на меѓусебните права и обврски.
Преговорите се одвиваа одделно за секоја здравствена дејност, со активно учество на номинираните претставници на давателите на здравствени услугу.
Во текот на интензивниот и конструктивен дијалог, Фондот со особено внимание ги разгледа доставените предлози и барања, прифаќајќи ги решенијата што придонесуваат за подобрување на условите за работа, поефикасно обезбедување здравствени услуги и унапредување на здравствената заштита, во рамките на важечката законска регулатива.
Фондот ги препознава приватните здравствени установи како значајни партнери во обезбедувањето здравствена заштита, при што правата, интересите и безбедноста на осигурениците остануваат основен приоритет во договорните односи.
Меѓу најзначајните новини во договорите се:
• Поголема заштита на осигурениците – зајакнати механизми за спречување неоснована наплата, фактурирање неизвршени услуги и ограничување на правата од задолжителното здравствено осигурување.
• Поедноставување на административните постапки и дигитализација – укинување на дел од досегашните хартиени обврски и проширување на функционалноста на веб-порталот на Фондот за електронска комуникација со здравствените установи, со што се намалува административниот товар и се заштедува време.
• Поголема сигурност за пациентите – воведување механизам за ставање во мирување на факсимилот на здравствениот работник веднаш по истекот на важноста на лиценцата за работа, со примена од 1 јуни 2027 година.
• Ревидирање на договорните казни – намалување на дел од казните, воведување опомени за одредени повреди и заострување на одговорноста за посериозни неправилности, особено кога се загрозени правата на осигурениците.
• Зајакната заштита на личните и здравствените податоци – попрецизно регулирање на обврските за доверливост и заштита на податоците на осигурениците.
Со завршувањето на преговорите не завршува и дијалогот со здравствените установи. Во првиот квартал од 2027 година е предвидено формирање заедничка работна група со претставници на Фондот и релевантните партнери, која ќе продолжи ги разгледа доставените предлози и иницијативи, со цел изнаоѓање соодветни решенија за унапредување на системот на здравствена заштита,вклучително и можностите за нивно понатамошно нормативно уредување.
Со новите договори, Фондот прави значаен чекор кон посовремен, поефикасен и поодговорен модел на купување здравствени услуги, заснован на партнерство, јасни правила и меѓусебна одговорност. Заедничката цел е стабилен здравствен систем, подобри услови за работа на здравствените установи и сигурна, достапна и квалитетна здравствена заштита за осигурениците, велат од ФЗО.

Македонски




