
Пазарот на недвижности во Македонија во третиот квартал од 2026 година бележи намалена активност кај купопродажбите, додека кај закупите е забележан раст на бројот на склучени договори, покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности.
Во периодот јули – септември биле регистрирани 7.679 трансакции, што е намалување од 8,2 отсто во споредба со претходниот квартал. Бројот на купопродажби се намалил за 12,1 отсто, додека кај закупите е забележан раст од 2,8 отсто.
Вкупната финансиска вредност на пазарот достигнала 339 милиони евра, што претставува пад од 3,6 отсто. Од оваа сума, 337,8 милиони евра се однесуваат на купопродажби, чија вредност е намалена за 3,6 отсто, додека вредноста на закупите изнесува 1,1 милион евра, со пад од 10,2 отсто.
Најизразени промени се забележуваат кај пазарот на станови. Продажбата е намалена за 14 отсто, а вкупната финансиска вредност на продадените станови за 6 отсто.
Во овој квартал највисока цена од 3.121 евро на становите е постигната во општина Карпош каде што за стан од 41 квадратен метар се платени 128.000 евра, покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижнини.
Најскапо продаден стан кај инвеститор, е со големина од 63 квадратни метри, а за него сопственикот платил околу 200.000 евра.
Кај закупите забележан е раст на бројот на закупени станови од 45%, и зголемување на вкупната месечна закупнина за 31% во споредба со претходниот квартал.
Според Катастарот, и покрај силниот раст на закупите на станови, вкупната регистрирана вредност на закупите на сите видови недвижности е намалена за 10,2%.
Од Агенцијата за катастар на недвижности оценуваат дека пазарот покажува различни движења во двата сегмента.
Нашата оценка е дека пазарот покажува различни движења во двата сегмента – намалена активност кај купопродажбите и умерен раст кај закупите по бројот на договори, но намалување на вкупната месечна закупнина, се вели во Извештајот.
.

Македонски



