
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска, на надзорната расправа во Собранието, ги повика истражните органи и Јавното обвинителство да го истражат случајот со Алта банка, меѓу другото, и кој отуѓувал акции, одговарајќи на прашање на пратеникот Аднан Азизи во врска со информациите за поврзаност на ДУИ со Алта банка.
Немам официјални информации кој сè ги отуѓил акциите. За тоа ќе треба некоја друга институција да даде одговор. Ова што вие го споменувате е вест што што и јас исто така сум ја прочитал од медиумите и од јавноста, но сигурен сум дека во една транспарентна истрага од страна на истражните органи, за која охрабрувам и повикувам, Јавното обвинителство ќе утврди и ќе се констатираат сите факти за македонската јавност да биде на чисто – рече Мицкоски.
Мој приоритет, а претпоставувам и на членовите на НБРМ, потенцира тој, е оваа банка да добие сопственик за да не оди во стечај. – Тоа е многу важно и јас сум многу голем оптимист дека ќе успееме во оваа намера, бидејќи наш приоритет останува да ги заштитиме сите доверители на банката и работните места на вработените во банката – рече премиерот.
Што се однесува до доверителската врска на македонската влада и Алта банка во 2023 година на седницата на која што е разговарано и дадено овластување народниот правобранител да ги отуѓи акциите на Алта банка кои се сопственост на македонската влада, Мицкоски рече дека тогаш присуствувале како прв вицепремиер Артан Груби, како министер за финансии Фатмир Бесими, како министер за економија Крешник Бектеши, како министер за образование Јетон Шаќири, министер за надворешни работи Бујар Османи, а од редовите на СДСМ претседателот на владата Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за транспорт Благој Бочварски, за одбрана Славјанка Петровска, како министер за труд и социјална политика Јована Тренчевска, Љупчо Николовски итн. – Така што, ако некој има најмалку право да зборува за ова што се случува денес и да конструира, спинува, клевети, тоа е токму политичката опозиција во Македонија – истакна премиерот Мицкоски.
Пратеникот Аднан Азизи од Вреди изрази загриженост за неприсуството на пратеници на ДУИ на надзорната расправа и посочи дека во јавноста имало информации за фамилијарни врски на нивни челници со сопствениците на Алта банка и тие кои ја донеле Алта банка во Македонија.
Оваа дебата ќе беше идеална ситуација за Али Ахмети да посведочи каква поврзаност има со компанијата „АС Сењак“ иако нејзиниот дел го продала на српската банка. Дали е вистина дека сопственикот на оваа компанија е сватот на Али Ахмети односно негов близок? Дали Али Ахмети знаеше за оваа трансакција? Јас мислам дека Али Ахмети е силно навлезен во корупција, но не мислам дека тој стигнал до тоа ниво да се продаде кај Вучиќ. Тој треба да излезе и да објасни што значи неговото молчење, а може да потресе многу Албанци и многу блиски – рече Азизи.
Според него, на 24 октомври 2024 година компанијата „Ас Сењак“, која е во сопственост на сватот на Ахмети, добила акции во Стопанска банка Битола со една компанија поврзана со Сашо Мијалков. На 9 јуни, продолжи тој, друга компанија чиј што косопственик е „Ас Сењак“ зела кредит пет милиони евра од Алта банка Белград. – На 17 септември 2025 година акциите на компанијата на сватот на Али Ахмети се продадоа на Алта банка. Дали ќе се истражуваат и овие трансакции на оваа компанија бидејќи ДУИ е поврзана со овој случај – рече Азизи.

Македонски



