Skip to main content

Мицкоски покажа документ – владата на СДСМ влегла во деловни односи со Алта банка, Филипче демантира

Претходната влада на СДСМ и ДУИ влегла во деловни односи со Алта банка – Белград и лицето Давор Мацура во Србија уште во 2023 година кога на владина седница била донесена одлука да го овласти државниот правобранител во име на владата да ги отуѓи акциите што Македонија ги имала во српска банка, која Алта банка ја купува. Тогаш државата влегла во деловен однос со Алта банка и Давор Мацура. Купувањето на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка не е поврзано во никој случај со сегашната Влада бидејќи станува збор за две правни лица и трансакцијата е во согласност со сите прописи, закони и со Уставот. 

На ваков начин, како што брифира денеска премиерот Христијан Мицкоски, паѓа првата и носечка теза на опозицијата дека сегашната Влада дозволила лицето Давор Мацура преку Алта банка – Белград да влезе во Македонија.

Во извадок од записникот од 194-тата седница на владата одржана на 24 октомври 2023 година, што ја води Димитар Ковачевски, а присутни биле половина од пратениците од актуелната пратеничка група на СДСМ, тогашни министри, може да се види дека на предлог на министерот за финансии Фатмир Бесими се барало од владата да го овласти Државното правобранителство да ѝ ги отуѓи на Алта банка – Белград акциите што државата ги има во банката во Србија како резултат на сукцесијата на поранешна Југославија.

Така што, како што вели премиерот, лицето Давор Мацура и Алта банка не се појавуваат во 2025, тие првпат се појавуваат на дневен ред во зградата на Владата во 2023 година за време на владата на СДСМ и ДУИ. 

Мицкоски потенцира дека владата не можела да се меша во трансакцијата за купување на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка затоа што така би ја нарушиле пазарната економија. Ако ние кажуваме кој да работи, а кој не, реципрочно тоа може да го направат и во Србија и наши компании да не може да работат со земјата, со што последиците за Македонија би биле големи.

Мицкоски вели дека е убеден оти нема да се оствари желбата на опозицијата да пропадне оваа компанија во Македонија за да отиде во стечај. Од денешна перспектива сум и повеќе од убеден дека тоа нема да се случи, вели Мицкоски, и додава дека веќе има тројца заинтересирани купувачи.

Во моментот, појасни тој, тече периодот од 10 дена, во кој српскиот регулатор треба да му даде право на нашиот регулатор да влезе во процес на отуѓување на акциите бидејќи банката сопственик – Алта банка – е во стечај. Кога ќе поминат овие 10 дена, потребни се дополнителни пет дена за лиценцирање на потенцијалните купувачи, кои повторно мора да поминат низ извесен клиринг кај нашиот регулатор и дури потоа се организира аукцијата. Таа ќе биде по просечна цена од цената во последните шест месеци, непроменета е и изнесува 3.777 денари. Доколку нема заинтересиран купувач, следниот ден има нова аукција со дисконтирана цена од 10 отсто и сè така до минимум 50 проценти.

СТАВ НА СДСМ

Филипче посочи дека Владата на СДСМ не дала согласност за продажба на акциите што ги поседувало Министерството за финансии, но дека Мацура добил согласност од Босна и Херцеговина. Сосема спротивно на лагите на Мицкоски владата на СДСМ ги штитела државните интереси и интересот на граѓаните и не влегла во односи со Алта банка.

„Давор Мацура од нашата Влада, на СДСМ, не добил дозвола да ги откупи акциите кои се на Министерството за финансии. Ама добива дозвола од Босна и Херцеговина и така се стекнува со над 90 отсто од акциите во Белградската Алта банка. Тоа по срспките закони му дало можност да ги откупи и останатите“, изјави Филипче. 

Поврзани вести