
На четирите малолетнички против кои се водеше постапка за бруталното насилство врз 13-годишно девојче во скопската општина Ѓорче Петров им е изречена мерка упатување во воспитно-поправен дом, дознава „Скопје1“.
Според информациите, судија за деца во Основниот кривичен суд Скопје изрекол мерка во траење од една година за првообвинетата малолетничка, додека за останатите три мерката е во траење од по осум месеци.
Одлуката сè уште не е правосилна. Судската одлука е во фаза на писмена изработка и сè уште не е експедирана, односно доставена до странките, потврдуваат од Кривичниот суд за „Скопје1“.
Станува збор за случајот од март годинава, кога група деца во два наврати физички малтретирале 13-годишно девојче, ученичка во основно училиште во Ѓорче Петров, додека дел од присутните го снимале насилството со мобилни телефони. Двата одделни напади (27 и 30 март 2026) вклучувале физичко насилство, горење со цигари, груби навреди и крајно деградирачко понижување – принудување на жртвата да лиже и јаде кучешки измет.

Македонски



