Skip to main content

Амбасадорот Николов во Коломбел каде се овековечени имињата на 33 борци со македонско потекло кои загинале во Првата светска војна

По повод 108-годишнината од потпишувањето на Примирјето со кое заврши Првата светска војна, амбасадорот во Франција, проф. д-р Игор Николов, учествуваше на свечената комеморација во градот Коломбел (Colombelles), Нормандија, на покана на градоначалникот Марк Потие (Marc Pottier), соопштија од македонската амбасада во Париз.

Посебно значење на оваа комеморација, потенцираат оттаму, има оддавањето почит на 33 борци со македонско потекло, поврзани со Новаци, кои ги загубиле животите за време на Првата светска војна, а чии имиња се овековечени на спомен-обележје во Коломбел.

Во своето обраќање, амбасадорот Николов ја истакнал историската поврзаност меѓу македонскиот и францускиот народ, потсетувајќи и на илјадниците француски војници кои се бореле на фронтот, како и на француските воени гробишта во Скопје и Битола.

Од Нормандија до македонскиот фронт, воената историја претставува мост на сеќавање, пријателство и братство меѓу нашите два народа, порачал Николов.

Амбасадорот изразил благодарност до градоначалникот и општината Коломбел за негувањето на историската меморија, како и до здружението „Илинден 1903“ за неговиот придонес во зачувувањето на споменот за македонските борци.

Сеќавањето на жртвите од минатото е наша заедничка обврска и потсетник дека мирот, слободата и солидарноста се вредности што мора постојано да ги чуваме. Нека живее македонско-француското пријателство!, порачуваат од Амбасадата на Македонија во Франција.

Поврзани вести