Skip to main content
ДОЦЕНТ Д-Р ИВА МАЛАХОВА ЃОРЕСКА, ГИНЕКОЛОГ АКУШЕР НА УНИВЕРЗИТЕТСКАТА КЛИНИКА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА И АКУШЕРТВО ВО СКОПЈЕ

Дали ќе се здебелам е првото прашање на жените во менопауза кои доаѓаат на преглед

Приватна архива / Д-р Малахова - Ѓореска: Вежбање, пешачење или планинарење треба да се дел од новото јас кај секоја жена , особено кај жена во перименопауза

Дали нередовните менструлни циклуси значат дека сум во перименопауза/менопауза? Дали ќе се здебелам? е првото прашање на жените во перименопауза и менопауза кои доаѓаат на преглед во амбулантите на Универзитетската клиника за гинеккологија и акушертво (ГАК) во Скопје, вели во интервју за „Република“ доцент д-р Ива Малахова – Ѓореска, гинеколог и акушер на ГАК.

Викендов што измина Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) ја организираше Неделата на женско здравје, а д-р Малахова Ѓореска говореше на темата „Перименопауза-клинички предизвик или физиолошка транзиција?“.

Која е разликата меѓу мепопауза и перименопауза, што е хормонален дисбаланс, дали на секоја жена која минува низ оваа промена и е потребна хормонална терапија, како жените во Македонија го прифаќаат новото поглавје во животот се прашањата на кои одговара д-р Малахова – Ѓореска во интервју за „Република“. Таа смета дека вежбање, пешачење или планинарење треба да се дел од новото јас кај секоја жена, особено кај жена во перименопауза. Спроед нејзиното искуство, многу од жените во нашата земја менопаузта ја доживуваат како нешто што мора да се издржи, а не како период за кој постојат медицинска поддршка и терапевтски опции. Дел од жените отворено бараат помош, а некои и понатаму ги минимизираат симптомите и не сакаат да зборуваат за нив. Современиот пристап денес ја опишува перименопаузата повеќе како био-психо-социјална транзиција кај жената, вели д-р Малахова – Ѓореска.

Дали расте свесноста на македонската жена за перименопаузата и менопаузата? Што прво Ве прашуваат кога доаѓаат на преглед?

Д-Р МАЛАХОВА – ЃОРЕСКА: Полека но сигурно расте свесноста, можеби поради постојаните информации од социјални мрежи, портали и сл, но секако и од активностите на нашите лекари од Клиниката за гинекологија и акушерство Скопје, која последните неколку години особено се ангажираат за подигнување на свеста кај жената за оваа проблематика, преку организирање на разни манифестации, предавања и телевизиски гостувања. Секако првото прашање е: Дали нередовните менструлни циклуси значат дека сум во перименопауза/менопауза? Дали ќе се здебелам?

Во неделата на женското здравје во организација на МАГО одржавте предавање на тема „Перименопуаза – клинички предизвик или физиолошка транзиција“. Може ли да ни кажете нешто повеќе?

Д-Р МАЛАХОВА – ЃОРЕСКА: Во рамките на ова предавање беше истакнато дека перименопаузата не треба да се гледа како крај на репродуктивниот период, туку како почеток на нова фаза во животот на жената. Ова е период во кој имаме уникатна можност да влијаеме врз идното здравје — не само преку контрола на симптомите, туку и преку превенција на хронични заболувања.
Со правилен, индивидуализиран и научно базиран пристап, можеме значително да го подобриме квалитетот на живот и долгорочниот здравствен исход на пациентките.
И токму тука лежи нашата улога како клиничари — да ја препознаеме оваа транзиција и да ја трансформираме во можност за подобро здравје.

Може ли докторите да дадат одговор на најчесто поставуваното прашање на жените кои го поминуваат овој период, колку ќе трае перимеопаузата и менопаузата?

Д-Р МАЛАХОВА – ЃОРЕСКА: Перименопаузата, периодот во 40-те години од животот на жената, односно 5-7 год плус или минус, е период кој е индивидуален, со различен почеток и крај се секоја од нив. Додека пак менопаузата е период кој настанува околу 50 години, кога менструалниот циклус отсуствува повеке од 12 месеци или една цела година. Бидејки во медицината некогаш два исти собироци занаат да дадат поинаков збир, па оттаму и тоа дека точна и прецизна возраст за овој период нема.

Зошто некои жени се измачуваат со години прежувувајќи ги сите можни симптоми од несоница, топли бранови, хормонална нерамнотежа, осцилации во расположението, болки во зглобовите, вкочанетост, дури и чешање на очите, на ушите, надуеност, заборавеност, магла во мозокот, зголемена килажа, а други не го ни чувствуваат преминот?

Д-Р МАЛАХОВА – ЃОРЕСКА: Не постојат две исти жени пред се! Исто така сите знаеме и дека пубертетот кај девојките може да е без некои посебни промени кај едни, се до огромни потешкотии во секојденвието кај дрги. Сите брмености се различни, дури и две бремености кај една иста жена се поинакви. Постпородилиот период исто така знае да е особено различен кај секоја жена. Па оттаму и мојот одговор дека нема правило кај која жена кои симптоми и со колкав интензитет ќе се изразени истите.

Д-р Ива Малахова – Ѓореска: Не постојат две исти жени, нема правило кај која жена кои симптоми и со колкав интензитет ќе се изразени истите / Фото: Приватна архива

Зошто е толку важен естрогенот во телото на жената и како се манифестира неговиот недостаток?

Д-Р МАЛАХОВА – ЃОРЕСКА: Естрогенот е еден од најажните хормони во женското тело. Не е важен само за менструалниот циклус и плодноста, тој влијае на речиси сите органски системи- мозок, коски, кожа, срце, вагина, мочен меур и метаболизам. Неговиот недостаток се манифестира со менструални промени, вазомоторни симптоми (ноќно потење, топло бранови), психички и невролошки симптоми (раздразливост, несоница, анксиозност), урогенитални симптоми (вагинална сувост, чести уринарни инфекции, ургентно мокрење), промени на кожа и коса, мускулно скелетни симптоми итн.

Дали жените знаат да ги препознаат симптомите или ги мешаат со други болести?

Д-Р МАЛАХОВА – ЃОРЕСКА: Честопати оваа разновидна симптоматологија, секако по различен редослед знае да ги насочи пациентките кон интернист, особено кога започнуваат промените во крвниот притисок, појава на отоци и зголемена телесна тежина. Зголемената сувост на кожата и косата исто така ќе ги пренасочат овие жени почесто во салоните за убавина или на дерматолог. Потешките психолошки промени, иако поретко, стануваат причина за повлекување на пациентките и отежнато функционитање во секојдневието, отттаму и потреба за конулатција со стручни лица.

Која е разликата меѓу перменопаузата и менопаузата?

Д-Р МАЛАХОВА – ЃОРЕСКА: Перименопаузата е периодот кога функцијата на јајниците почнува постојано да се менува и нивото на хормоните варира, трае неколку години, најчесто окуку 40 тите. Во оваа фаза жената е сеуште плодна и може да забремени. Додека пак менопаузата е една времена точка, како што и предхотно напоменав, кога поминале 12 последователни месеци без менструација (без друга причина). Просечната возраст е 51 година.

Што се случува кога во телото има хормонален дисбаланс?

Д-Р МАЛАХОВА – ЃОРЕСКА: Хормонален дисбаланс значи дека одредени хормони се создават премалку, премногу или нерамномерно. Бидејки тие го регулираат целото тело промените можат да бидат најразлични. Најчесто се менструални и репродуктивни промени, промени во расположението, метаболни промени, посрат на тежина , здршка на течности, инсулинска резистенција, промени на кожа, коса, телесни вазомоторни симптоми и слично. Некогаш овие симптоми знаат да бидат и поради анемија, депресија или хроничен стрес, затоа за правилна процена е потребан консултација со гинеколог или ендокринолог.

Дали сите жени треба да користат хормонална терапија? Кому му се препорачува, а кој треба да ја избегнува?

Д-Р МАЛАХОВА – ЃОРЕСКА: Не сите жени треба да користат хормон заместителна терапија (ХЗТ). Таа може значително да помогне кај одредени жени но секогаш е индивидуализирана според возраста, симптомите и ризик факторите. ХЗТ значи давање на естроген, а кај жени кои имаат матка начесто и прогестерон, некогаш и во форма на локален вагинален естроген крем.
Најчесто се препорачува кај жени со силно изразени симптоми, кај жени каде настапила менопауза пред 40 година има заштитна улога ( коски ,срце, мозок и сексуално здравје), кај жени со висок ризик за остеопороза итн.
ХЗТ не се препорачува кај жени со висок кардиоваскуларен ризик, пушачи и со прекумерна тежина како и жени со историја за тромбоза.
ХЗТ е контраиндицирана кај актуален или предходен карцином на дојка, естроген зависен гинеколошки канцер, активна венска тромбоза или белодробна емболија, неодамнешен срцев или мозочен инфаркт.

Како жените во Македонија ја прифаќаат менопаузата? Верувам дека најмногу се жалат на вишокот килограми. Што препорачувате?

Д-Р МАЛАХОВА – ЃОРЕСКА: Многу од жените во нашата земја менопаузта ја доживуваат како нешто што мора да се издржи, а не како период за кој постојат медицинска поддршка и терапевтски опции. Дел од жените отворено бараат помош, а некои и понатаму ги минимизираат симптомите и не сакаат да зборуваат за нив. Најчестите поплаки се за покачување брзо и нагло на телесна тежина, стомак кој не се симнува, замор , намалена енеригија, несоница, топли бранови…
Со падот на естрогеност се менува и прераспределбата на масното ткиво, особено околу стомакот, се менува базалниот метаболизам, се намалува мускулната маса и се менува квалитетот на сонот..
Кај овие пациентки се препорачува зголемен внес на протеини, повеќе зеленчук и растителни влакна, намален внес на шеќери и обавезно редовни главни оброци. Екстремните диети не се препорачливи. Особено е значаен внесот на течности кој никако не смее да се изостави под сомнение дека прави отоци, напротив! Секако вежбање, пешачење или планинарење треба да се дел од новото јас кај секоја жена , особено кај жена во перименопауза.

Дали е потребен интердисциплинарен пристап во лекувањето?

Д-Р МАЛАХОВА – ЃОРЕСКА: Да, не ретко е потребен интердисциплинарен пристап во третирањето на перименопаузалните симптоми. Бидејки промените не се само гинеколошки, како што предходно спомнав, тие влијаат на повеќе органски системи и на психофизичкото здравје на жената. Тука би се навратила на тоа дека освен гинеколошки преглед, кај некои жени ќе треба да се консултира и ендокринолог, кардиолог, ортопед, психолог/психијатар, нутриционист… Современиот пристап денес ја опишува перименопаузата повеќе како био-психо-социјална транзиција кај жената.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива

Поврзани вести