Skip to main content

„Шмркаат легален прав како кокаин“: Што е „снифит“ кој масовно се користи меѓу тинејџерите

„Снифит“, легален енергетски прашок што се вдишува преку нос, станува сè попопуларен меѓу тинејџерите во Србија, а лекарите предупредуваат дека неговата консумација може да доведе до сериозни срцеви проблеми, оштетување на носот, крварење, алергии, па дури и до експериментирање со лекови и предозирање, известува „Новосадска телевизија“.

Производот се рекламира како „иновативна алтернатива на енергетските пијалоци“. Станува збор бел прашок спакуван во шише, кој е наменет за „брзо зголемување на енергијата и концентрацијата“. Се вдишува преку нос со помош на мала цевка, што експертите го поврзуваат со ритуалот на консумација на кокаин. На социјалните мрежи може да се видат и видеа на кои се гледаат млади мажи и жени како го пробуваат прашокот со истурање одредена количина на предната страна од раката и го шмркаат.

Производителот наведува дека прашокот содржи комбинација од стимуланси и енергетски додатоци како што се кофеин (околу 50 мг по доза), таурин, креатин, Л-аргинин, бета-аланин, витамин Б комплекс и ментол, што предизвикува чувство на студ во носот. Пакување од десет дози чини околу 16 евра.

Иако сите состојки се легални и релативно безбедни сами по себе, лекарите предупредуваат дека проблемот се јавува поради начинот на употреба и маркетиншката порака. Овој и слични производи се забранети во Франција, бидејќи, меѓу другото, потсетуваат на консумирање дрога, додека во Хрватска, „снифит“ беше официјално забранет за малолетници кон крајот на февруари поради лабораториски потврдени здравствени ризици.

Педијатарот д-р Саша Милиќевиќ за српски „Курир“ алармира дека „снифит“ е веќе популарен и меѓу тинејџерите во Србија.

Веќе имав три малолетни пациенти кои дојдоа со симптоми на крварење од носот и тахикардија, вртоглавица и алергиско кивање. Тие признаа дека шмркале „снифит“, па дури и го комбинирале со снус. Сè што се внесува во телото преку носот оди директно во крвотокот и може да биде многу стресно за телото, објаснува д-р Милиќевиќ.

Тој додава дека младите луѓе го вдишуваат производот затоа што ги потсетува на кокаин и сакаат да бидат во тренд, но не сфаќаат колку опасно може да биде тоа.

Производите што се базирани на кофеин и таурин прво го зголемуваат притисокот. Вдишувањето на прашокот го прави лицето да се чувствува „подобро“ за момент, бидејќи, како што самите велат, ги прави да се чувствуваат „хај“, но не се свесни за последиците. Покрај ненадејниот скок на притисокот, може да се појават алергиски реакции кај оние кои имаат алергиско кивање, а имало и случаи на крварење од носот поради плексусот на крвните садови во носот, вели тој.

Докторот, исто така, истакнува дека се можни назални секрети.

Тоа е туѓо тело што го внесуваме во телото, слузницата се буни и почнува да лачи секрет за да ја отфрли супстанцијата. Делува побрзо од енергетските пијалоци затоа што кога пијалокот ќе се внесе во телото, прво мора да оди во желудникот за да дејствува, а ова ние го инјектираме директно во крвните садови, што предизвикува лачење на ендорфин, хормонот на среќата, за кој лицето вели дека го прави да се чувствува посреќно. Се намамуваат да го пробаат бидејќи ги потсетува на кокаин, предупредува тој.

Педијатарот истакнува дека е проблематично и тоа што не е познато колку пати може да се внесе во телото. Кај енергетските пијалоци е јасно наведено дека не треба да се надминува дозата од два дневно, додека тинејџерите го пробуваат ова повеќе од еднаш.

Во комбинација со вејпинг, снус и енергетски пијалоци, постои ризик од шок и предозирање.

Опасности од консумирање

  • го оштетува носот и носната слузница
  • предизвикува крварење од носот
  • брзо го зголемува крвниот притисок и може да предизвика сериозни срцеви проблеми
  • ризик од шок и предозирање во комбинација со вејпинг, енергетски пијалоци или снус
  • алергиска реакција

За „снифит“

  • легален енергетски производ што се вдишува преку носот
  • бел прав спакуван во мали шишиња
  • пакувањето чини околу 16 евра
  • производителите го рекламираат како иновативна алтернатива на класичните енергетски пијалоци
  • се состои од кофеин, таурин, креатин, Л-аргинин, бета-аланин, витамин Б комплекс и ментол
  • забранет е во Франција и Хрватска

Поврзани вести