
Кинеската платформа за онлајн трговија Тему повторно се најде под удар на европските регулатори, откако Европската комисија денеска, 17 ноември, соопшти дека прелиминарно утврдила нови прекршувања на европските правила за продажба на производи преку интернет. Новите наоди доаѓаат само неколку месеци откако компанијата беше казнета со 200 милиони евра.
Според Европската комисија, Тему нема доволно ефикасни механизми за проверка на производите што се продаваат преку платформата, а системот за контролирање на содржините и санкционирање на трговците е оценет како недоволен.
Истрагата покажала дека проверките главно биле насочени кон документацијата, додека вистинската контрола на производите останала ограничена. Европските регулатори утврдиле и дека платформата нема доволно модератори за да го следи огромниот број производи што секојдневно се појавуваат во понудата.
Дополнителен проблем претставуваат трговците што повеќепати ги прекршуваат правилата. Според наодите на Комисијата, санкциите против нив биле слаби, а дел од продавачите можеле да продолжат со продажба преку други делови од платформата.
Тему има околу 130 милиони корисници во Европската Унија, што ја прави една од најголемите платформи за онлајн купување на европскиот пазар.
Во мај годинава, Европската комисија веќе изрече казна од 200 милиони евра поради несоодветна процена на ризиците поврзани со продажбата на нелегални производи. Новата постапка се однесува на други обврски според Законот за дигитални услуги и би можела да резултира со дополнителни финансиски санкции.
Доколку новите наоди бидат потврдени со конечна одлука, компанијата се соочува со можност за казна до шест отсто од нејзиниот вкупен годишен светски промет. Засега станува збор за прелиминарни наоди, а Тему има право да ги разгледа доказите и да поднесе одбрана.
Европските потрошувачки организации и претходно предупредуваа на небезбедни играчки, електрични уреди и други производи што не ги исполнуваат европските стандарди. Новата постапка дополнително го зголемува регулаторниот притисок врз кинеската платформа, која го прошири своето присуство во Европа благодарение на ниските цени и агресивните промотивни кампањи.

Македонски



