Skip to main content

„Кино ОК” во Кавадарци започнува со редовна кино програма

Во четврток, на 19 ноември, со почеток во 20:00 часот, свечено се отвора „Кино ОК” во Кавадарци со проекцијата на македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња” во режија на Дина Дума. Публиката ќе има можност да го погледне овој филм,  во петок и сабота, на 20 и 21 ноември, со почеток во 19:30 часот.

Редовните кинопроекции во градот се враќаат како резултат на соработката помеѓу Домот на културата „Иван Мазов – Климе” и Институтот за филм и кинокултура „Cinemac”. Во рамките на ова партнерство, „Cinemac” ќе придонесе со своите технички капацитети и долгогодишно искуство во градењето и развојот на кинопубликата. Дополнително, преку специјализирана обука, тимот на „Cinemac” ќе му пренесе на локалниот кадар практични знаења за сите аспекти на современото киноприкажување и менаџирање со киносала.

Следен чекор во оваа соработка е подготовката на салата во Домот на културата за целосна дигитализација според светските DCI стандарди. Со поддршка на Општина Кавадарци, овој проект ќе се заокружи со инсталација на најсовремена киноопрема, што ќе овозможи кавадаречката публика да ги следи светските филмски хитови истовремено со нивните светски премиери.

Покрај отворањето, репертоарот веднаш носи и возбудливи содржини за љубителите на хорор-жанрот. Програмата продолжува со тематска хорор-ревија од универзумот на „The Conjuring”, во чии рамки ќе бидат прикажани култните наслови „Повикување на злото” (The Conjuring) и „Анабел” (Annabelle).

Се гледаме во кино!

Поврзани вести