
Уставот е закон над законите и најважниот општествен договор – истакна денеска претседателката Гордана Сиљаноска Давкова на отворањето на Научната конференција по повод 35-годишнината од осамостојувањето и донесувањето на првиот Устав на Република Македонија, во организација на Собранието, ЈНУ Институт за национална историја и Државниот архив.
Сиљаноска Давкова била надворешен член на Уставната комисија кога го подготвувала документот и, како што кажа, учествувала во долгите, посветени, страсни дебати во рамките на Уставната комисија.
– Таков состав чинам нема да се повтори. Во прашање беа, како што велат Американците, татковци и мајки основачи, убедени дека се на вистинско место, во вистинско време, со големи идеали во демократијата, во либералната демократија, во слободите и правата на човекот и граѓанинот, решени да креираат закон над законите, Устав, по мерка на европските. И затоа сите ги упатувам на една публикација на Советот на Европа од 1996 година со наслов „Повторното раѓање на демократијата каде што е сместен и нашиот Устав – рече Сиљаноска Давкова.
Она што за неа го прави посебен овој Устав е што почнува со темелни вредности на уставниот поредок и најголемиот број членови се посветени на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Додаде дека во дискусијата таа ќе ги посочи своите забелешки, но потенцира дека за 32 години нашиот Устав доживеал дури 36 амандмани и дека ние сме рекордери во измени на Уставот.
– За 32 години или за три децении нашиот устав доживеа дури 36 амандмани, во компаративното уставно право ние сме рекордер во измени на Уставот. Што станува со уставниот патриотизам? Не знам, сами треба да се запрашаме. Меѓутоа основното прашање е ако Уставот е основен извор на уставно-правната наука, ако е лекс супериор, ако е најважниот општествен договор меѓу граѓаните и македонската држава, ако е правен и политички темел на државата, зошто толку често се менува – рече претседателката.
Во 15 случаи измените на Уставот биле иницирани одвнатре, додека во 21 случај, како што потенцира Сиљаноска Давкова, при промена на Уставот посредувала меѓународната заедница и за тоа треба сериозно да размислиме.
– Сите устави обично полнуваат со „We the people“ ние народот, ние можеби треба ние народот и меѓународната заедница. Не го кажувам ова цинично, не го кажувам, но мислам дека навистина сериозно треба да размислиме – нагласи шефицата на државата.
Морам да потсетам, додаде Сиљаноска Давкова, дека од вкупно 36-те уставни амандмани, 15 се инцирани од внатре, заради надминување на појавените уставни пречки и го повика претседателот на Собранието често да ја свикува уставната комисија и да ја дополни и со експерти од надвор, за да може континуирано да го анализира спроведувањето на Уставот и да ги детектира проблемите во уставниот поредок.
– Не да се состануваме само кога од надвор ќе треба да посегнеме по уставни измени, туку да видиме каде се појавиле проблеми, а има многу – рече Сиљаноска Давкова додавајќи дека во дебатата ќе зборува за низа прашања за кои смета дека се се уште отворени.

Сиљаноска Давкова зборуваше за Европската унија и нејзините принципи и вредности, потсетувајќи дека ЕУ нема кодифициран Устав како еден акт, но ги има Договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаменталните права, пресудите на судот во Луксембург…
– И во нив убаво пишува дека ЕУ ќе ја почитува еднаквоста на државите, ЕУ ќе ги почитува културниот и националниот идентитет на државите, ЕУ ќе ги почитува уставните и политичките структури на државите. ЕУ ќе ги стимулира договорите со соседите – членот 8 засновани врз начелото на реципроцитет, дури ЕУ и предвидел и член 7 кој што вели дека доколку не се почитуваат принципите и вредностите на ЕУ тогаш една третина од државите, една третина од пратениците или самата Европска комисија може да покрене пред Европскиот совет постапка за лимитирање на одлучувачките права на државата која што ги крши принципите и вредностите. Не го говорам ова за да кажам дека кога се наоѓаме пред уште едно барање за уставна измена треба со рака што трепери добро да размислиме, само го говорам за да потенцирам дека уставната демократија е категорија која што е многу важна, дека уставите не се обични документи. Вие пратениците не претставувате нас, ги претставувате граѓаните и гласате по сопствено уверување. Јас имам голем проблем да барам од вас да го смените Уставот – рече претседателката.
Сиљаноска Давкова посочи дека Уставот е законот над законите или лекс супериор. Но и нешто друго е – најважниот општествен договор меѓу граѓаните што го рекол Жан Жак Русо по неговиот општествен договор. Зошто на граѓаните бидејќи тие се извор на суверенитетот на државата. Од нив извира суверенитетот и ним им припаѓа. Значи Уставот од 91 година за пратениците со кои соработував сигурно беше најцврстиот правен и политички темел на државата и се разбира како таков основниот и најважен избор на уставното право. Затоа на него на Уставот и во него се колнат највисоките носители на власта секогаш и секаде, да не забораваме – рече таа во говорот.
За Уставот од 17 ноември 1991 година е донесен со 92 гласа „за“ и 22 гласа „против“, потсети Сиљаноска Давкова додавајќи дека веќе следната година „уште неисушено мастилото“, во 92 – година беа усвоени првите два амандмани. – Барањето дојде од надвор. Ние правниците тоа го нарекуваме наметнати промени – рече претседателката.
– Само да потсетам Бадентеровата комисија формирана тогаш од Европската заедница ги анализираше уставите на новонастанатите држави од бивша Југославија. И што рече? Дека Уставот на Словенија и Уставот на Македонија низ призма на слободите и правата и низ призма на поделбата на власта ги исполнуваат условите и препорача овие две држави да бидат признаени – потсети Сиљаноска Давкова.
Во говорот таа посочи на белгискиот професор по уставно право Пјер Вини кој вели дека во уставот треба да се интервенира многу ретко, а кога се интервенира тоа треба да се прави „со рака што трепери“, не од страв, туку од одговорност и од респект.
Поздравни обраќања на настанот имаа и директорот на Државниот архив Димитар Богески и директорот на ЈНУ Институт за национална историја, проф. д-р Митко Панов, а симпозиумот го отвори претседателот на Собранието Африм Гаши

Македонски



