Skip to main content

Ѓоргова: Учеството на ова биенале претставува јасна и достоинствена потврда дека македонската култура има што да каже на јазикот на современата уметност

Со претставување на проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ (Will my eyes be closed or open?) на уметникот Велимир Жерновски, во кураторска поставка на Тихомир Топузовски и Аманда Бецкес, свечено беше отворен македонскиот павилјон на најпрестижната меѓународна изложба на современата уметност во рамките на 61. Биенале на уметноста, што ќе се одржува од мај до ноември 2026 година во Венеција.

На отворањето, присутните ги поздрави државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова.

За нас, учеството на ова биенале претставува јасна и достоинствена потврда дека македонската култура има што да каже на јазикот на современата уметност.

Годинашното издание, под кураторство на Којо Куо, со наслов „In Minor Keys“/„Во молски тоналитет“, нè повикува да се свртиме кон тивките, суптилни и често занемарени приказни. Во време на глобални предизвици, уметноста не вика, таа гласно шепоти, но токму затоа се слуша подлабоко. Таа нè учи на емпатија, нè повикува на размислување и нè охрабрува на тивок, но суштински отпор.

Во таков контекст, особено сме горди што Република Македонија се претставува со делото „Пиета во прекривките на ургентноста/Will my eyes be closed or open?“ од Велимир Жерновски, во кураторска поставка на Тихомир Топузовски и Аманда Бецкес.

Ова дело, избрано низ транспарентна и стручна постапка, претставува силен и слоевит уметнички израз. Неговата визуелна едноставност носи длабока идејна тежина. Дијалогот со класичниот мотив на Пиета е трансформиран во современ јазик, во кој се преплетуваат историското наследство и актуелните состојби на светот.

Симболиката на „златните“ заштитни фолии не е случајна, таа е истовремено и заштита и аларм. Таа е убавина што боли. Таа е потсетник дека живееме во време на кризи, но и во време кога човечноста мора повторно да биде осмислена.

Особено значајно е што македонскиот павилјон е поставен во „Ex Capella Buon Pastore“ – простор со длабока духовна и историска меморија. Токму таму, во таа тишина што зборува, делото на Жерновски добива дополнителна димензија – станува мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу интимното и универзалното.

Големиот Пабло Пикасо во една пригода ќе забележи: „Уметноста ја мие од душата прашината на секојдневието.“

Нека овој павилјон биде токму тоа – прочистување, будење и потсетник дека и во најтивките тоналитети, уметноста има сила да нè обедини, да нè воздигне и да нè направи подобри.

Со гордост го прогласувам македонскиот павилјон на 61. Венециско биенале за отворен, рече Ѓоргова.

Македонскиот павилјон е сместен во изложбениот простор „Ex Capella Buon Pastore“ – историски сакрален простор во Венеција, со препознатлива архитектура и автентичен амбиент, кој сведочи за неговата поранешна духовна функција. Денес, овој простор е адаптиран за културни настани и изложби и нуди специфична атмосфера што овозможува силен дијалог меѓу современата уметност и историскиот контекст.

Учеството на нашата држава на Венециското биенале, кое е целосно поддржано од Министерството за култура и туризам, претставува дел од долгорочната стратегија за интернационална промоција на македонската култура и уметност. Во изминатите години државата континуирано се претставува со проекти кои третираат актуелни и релевантни теми, со што се зацврстува нејзината позиција во глобалниот културен простор.

Куратор на годинашното, 61. издание е Којо Куо, а темата е „In Minor Keys“ („Во молски тоналитет“) – концепт кој ги истражува суптилните, интимните и често маргинализирани наративи во современото општество. Темата ја поставува уметноста како простор за емпатија, рефлексија и тивок отпор, отворајќи прашања за ранливоста, меморијата и човечкото искуство во услови на глобални предизвици.

На годинашното Биенале учествуваат над сто уметници и се претставени над 80 национални павилјони од целиот свет, кои преку разновидни медиуми и пристапи ги адресираат клучните теми на денешницата – од миграции и климатски промени до политички конфликти и идентитетски прашања.

Поврзани вести