Skip to main content
Ивана Спасев и Диме Спасев од „Сакам Книги“

Литературата не е само хоби, туку начин на живот

Пред повеќе од 15 години решија својата љубов кон пишаниот збор да ја преточат во издавачка куќа. Ивана Спасев и Диме Спасев со „Сакам Книги“ успеаја да изградат заедница на читатели која не само што купува книги, туку искрено живее со нив. Од мал семеен бизнис кој го започнале во 2010 година, до добитници на награди за најуспешни претприемачи, тие денес ни откриваат како се гради книжевно царство во Македонија. Нивната приказна е доказ дека кога професионализмот ќе се спои со автентична страст, резултатот е лидерска позиција во индустријата. Тие се луѓето кои први ги донесоа светските бестселери на македонски јазик со препознатлив дизајн и многу љубов, а  неодамна ја започнаа инспиративната акција „Читаме денес за поубаво утре“ преку која директно придонесуваат за пошумување на Скопје.

Во пресрет на годинешниот Саем на книга со нив разговараме за менаџирањето, креативниот процес, за предизвиците на македонското издаваштво, како се избираат насловите и што е она што ги мотивира…

Кои се „главните адути“ на „Сакам Книги“ за овој Саем? Кои нови наслови ќе доживеат промоција токму пред саемската публика?

Ивана: Нашиот главен адут отсекогаш бил истиот, бидејќи уште од првиот ден, па сѐ до денес, сѐ што правиме, го правиме со најдлабока љубов и радост. Затоа, секогаш велиме дека ние не продаваме книги. Ние продаваме среќа. А среќата не изгледа исто за сите, па максимално се трудиме да имаме книга за секој читател, за секоја емоција, за секој момент во животот. Таа филозофија и оваа година се рефлектира во секој нов наслов што ќе го видите на нашиот штанд.

Саканиот Себастијан Фицек, кој ни беше специјален гостин на ланскиот Саем на книгата, годинава се враќа со нов бестселер – „Поканата“. Од феноменалниот Крис Картер – кој е еден од најчитаните автори на трилери не само во Македонија, туку и во цела Европа – сега ќе го читаме новитетот „Запишано со крв“. Непобедливата Кристин Хана повторно ќе ги расплаче читателите со својата драма „Вистински бои“. Но помеѓу 14-те новитети имаме и нови важни автори кои ги издаваме за првпат за овој Саем, а два од нив особено вреди да се издвојат. Книжевниот феномен „Тео од Голден“ од Ален Ливај – книга за која имаше жестоки аукции во над 30 земји и продаде неколку милиони примероци ширум светот за само неколку месеци и „Кревки нешта“ од Сузан Мајснер, прекрасна историска драма која ќе ги освои сите љубители на Сара Џио.

Дали подготвувате некое специјално издание или редизајн на некој од вашите најпродавани наслови специјално за саемските денови?

Диме: Секоја година се трудиме да создадеме нешто специјално за саемот, но не само од комерцијален аспект, туку нешто подлабоко, нешто лично. Па, годинава, можеби малку субјективно, но лично за нас најпосебно значење има изданието „Вети ми“. Се работи за сликовница на мојата сопруга, Ивана Спасев, што ја истражува универзалната тема на минувањето на времето и трансформацијата на врската меѓу родител и дете. Приказната е длабоко лична и произлегува од нашето родителско искуство – набљудувањето на сопствените деца како растат со вртоглава брзина, свеста за тоа како секој ден носи мали промени кои постепено ги трансформираат тие минијатурни суштества во независни личности.

Ивана: Инспирацијата доаѓа од таа слатко-горчлива емоција што ја чувствува секој родител кога детето ќе ја надрасне омилената облека, кога раката што те стегала со толку доверба одеднаш не те бара повеќе. Оваа сликовница не се обидува да ја спречи таа неизбежност – таа знае дека времето е непобедливо. Наместо тоа, нежно моли: „Само вети ми дека ќе се сеќаваш… и дека ќе се враќаш кај мене секогаш.” Замислата беше да се создаде книга што ќе стане дел од вечерниот ритуал во семејствата, книга што родителите и децата ќе ја читаат заедно и низ која ќе разговараат за нивните заеднички искуства, за тоа што им е важно, за начинот на кој љубовта опстојува. „Вети ми” е и противник на современото темпо на живот – кога семејствата се постојано во трка, кога времето е постојан непријател. Оваа книга е потсетник да се забави, да ги забележат овие моменти, да бидат присутни.

Вашиот штанд секогаш е еден од најпосетените и естетски највпечатливите. Колку време траат подготовките за визуелниот идентитет на штандот за Саемот?

Диме: Визуелниот идентитет е душата на нашата издавачка куќа. Секогаш го градиме на суштината, а тоа е нашиот херој на логото – бубамарата – која е симбол на среќа и благосостојба. Затоа, секое наше уметничко и креативно решение се темели на тие два столба: среќа и убави чувства. Нашиот слоган овој пат е „Среќата изгледа вака…“, во склоп со непобедливата комбинација на црна и златна боја, кои годинава ги одбравме заради нашите два нови светски хита од серијалот „The Empyrean“ – Четврто крило и Железен пламен. Се надеваме дека оваа година, исто како и изминатите, нашиот штанд ќе се издвои и ќе има исклучителна енергија и емоција, која ќе ги привлече читателите да поминат што повеќе време кај нас, бирајќи ги своите нови омилени книги.

Колку Саемот ви помага да го „опипате пулсот“ на читателите за да одлучите што ќе издавате во втората половина од годината?

Диме: Секогаш, и не само за втората половина од годината. Саемот е место каде директно и очи во очи заедно со читателите ја градиме нашата стратегија за нашата издавачка програма. Влијанието понекогаш е видливо веднаш, понекогаш е потребно време да се изгради стратегија за да се пласира нешто поголемо и подобро, но читателите секогаш ја носат новата енергија.

Како се роди идејата за „Сакам книги“ во 2010 година и кои беа најголемите предизвици во првите години на постоењето?

Ивана: Ова очигледно е нишката што се провлекува во сѐ што зборуваме за „Сакам Книги“, но повторно сум принудена да одговорам во истиот дух – се роди од чиста љубов, како и сите нешта во животот кои вреди да се изградат. Во 2010 година, „Сакам Книги“ не беше бизнис план; не беше стратегија. Најпрво почна како збирно место за луѓето во Македонија кои сакаат книги и им треба простор да зборуваат за нив. Портал. Мало ќоше за книгољупци на интернет. Но она што започна како мало хоби неочекувано брзо прерасна во заедница со над 10.000 луѓе, за само неколку недели. Како што читателите природно се наоѓаа едни со други, така бројот на членови на порталот вртоглаво растеше и почна да ни станува јасно дека создадовме нешто многу поголемо од очекуваното. Јас, роден книгољубец, ќе си бев потполно среќна и задоволна дури и ако сѐ останеше само на порталот – опкружена со илјадници луѓе со истата опсесија како мојата, уживајќи во разговори за книги секој ден. Но мојот сопруг, Диме, похрабар и веќе поискусен во водењето бизниси, го гледаше полниот потенцијал и инсистираше дека не смееме да дозволиме да не го претвориме сето ова во нешто поголемо. „Замисли да заработуваш од читање книги?“ – веројатно му беше една од најефективните фрази да ме охрабри. Па така, решивме да пробаме. И „Сакам Книги“ стана она што е денес. Шеснаесет години подоцна, сѐ уште продолжуваме да градиме на тој првичен темел. Не бизнис кој ете така случајно е поврзан со љубовта кон книгите. Туку љубов кон книгите која ете така случајно се претвори во бизнис.

Најголемите предизвици во првите години? Од каде ли да почнам? Имавме по дваесет и кусур години кога зачекоривме во издавачката дејност каде веќе постоеја голем број добро позиционирани издавачки куќи, со долги истории, со големи тимови од преведувачи, уредници, дизајнери, маркетери. На моменти ни се чинеше дури и смешно што ние бевме само тројца: јас, Диме и мојата сестра Деана, а некако успевавме да правиме сѐ сами: преводи, уредување, дизајн, логистика, маркетинг, финансии. Сѐ, истовремено. Но учевме, секој ден по нешто, се адаптиравме, се усовршувавме и некако еве денес и ние сме еден од тие издавачи со 16 годишна историја и тим од над 30 соработници.

Колку се промени македонскиот читател и пазарот на книги во овие 15-тина години работа?

Диме: Сите ние како индивидуи еволуираме на одредени полиња, па така и на ова поле, читателите еволуираат. Нивните вкусови за жанровска литература се сѐ попрефинети, така што барањата и очекувањата од нас се сѐ поголеми. Токму од таа причина, изминативе неколку години работевме уште понапорно и попосветено за овозможување на два потполно нови проекти. Првиот беше книгата да биде што подостапна и попристапна за читателот, секогаш на дофат. Тоа ни успеа преку проектот „Читаме заедно“ кој успешно го реализиравме со најголемиот хард дисконт во земјата, „КАМ“. Вториот беше проектот „Со љубов, од Европа“ во рамки на кој преведовме 16 врвни европски дела од различни јазици, кои зборуваат за исклучително важни теми од сите општествени сфери како што се: женските права, маргинализираните групи, зачувување на планетата, инклузивноста итн. Накратко, ние постоиме за читателите, а пазарот на книги го диктираат тие – ние само ги слушаме нивните желби и ја создаваме среќата.

Која беше првата книга што ја објавивте и дали тогаш верувавте дека ќе станете еден од најголемите брендови за литература кај нас? 

Ивана: Првата книга беше романтичната комедија „Го сакам Њујорк“ од Линдзи Келк. Сакавме да започнеме позитивно, ведро, еуфорично – баш како што се чувствуваме и ние самите, па затоа и ја одбравме токму таа. Дали верувавме дека ќе станеме еден од најголемите брендови за литература? Веројатно и да, и не, истовремено. Не, затоа што немавме време за големи соништа и желби; работевме книга за книга, читател за читател и се фокусиравме само на сегашноста. Но истовремено, во ниту еден момент не се сомневавме во она што го градевме. Верувавме во книгите. Верувавме во читателите. Верувавме дека можеме да им го дадеме на луѓето токму она што им треба – не само книги, туку заедница, емоција, некој што разбира дека литературата не е само хоби, туку начин на живот. Не знаевме колку далеку ќе стигнеме. Знаевме само дека немавме намера да запреме.

Која е вашата порака за сите млади луѓе кои сакаат да започнат сопствен бизнис во креативната индустрија во Македонија?

Ивана: Ако имате идеја во која верувате, ако имате страст кон нешто која би можела да ве води, почнете. Почнете дури и ако не се чувствувате подготвено. Затоа што реално, на почетокот, никој никогаш не се чувствува подготвено. Ни ние немавме искуство во оваа област кога почнавме, немавме конекции, финансиска поддршка или наследен бизнис. Но имавме пасија, се имавме себеси и непопустливата верба дека градиме нешто важно. И тоа беше доволно за почеток. Приватниот сектор во Македонија не е лесен. Пазарот е мал, ресурсите се ограничени и ќе има луѓе – понекогаш дури и добронамерни – кои ќе ви велат да бидете пореални. Да одберете нешто побезбедно. Дека ситуацијата во државата не е добра. Љубезно сослушајте ги. А потоа сепак засукајте ги ракавите и направете го тоа што сте го намислиле. И верувајте во себе.

Разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести