Skip to main content

80 години Драмски театар стои на пиедесталот како најуспешна театарска куќа во Република Македонија

Со претставата „Мачкина глава“, Драмскиот театар Скопје ќе ја одбележи 80-годишнината од театарот.

Кога човек денес ќе го погледне светот, се прашува – можна ли е воопшто театарска претстава? На театарската сцена на планетава се лее масовно крв, како да е сок од капини на театарската сцена. А сокот од капини е само симулација на крв. И целиот свет, и Исток и Запад, се повикува на општочовечки вредности, а сите се управуваат според начелото на егоизмот – сѐ за мене и ништо за другите. Сокот од капини е општочовечка вредност, крвта не е – таа е најличен отпечаток на една посебна личност и нејзиниот најприватен живот, и затоа сите имаме своја лична лабораториска крвна слика. „Мачкина глава“ ме привлече зашто ја открива таа измама – која „општочовечка“ денешна идеја и идеологија води сметка дека уништува персоналитети, индивидуи, посебни и неповторливи личности? Денес живееме во свет кој едно проповеда (митот за светското братство), а друго прави – идејата за светско братоубиство, во невидени размери. Колективни Каин и Авел. Дополнителен предизвик ми беше што текстот е напишан со желба да видиме како би изгледало „Диво месо“ на големиот Горан денес? И за крај: ако светот прави едно, а проповеда друго, тогаш тој е мачкина кашлица. Која е главата на таа безвредна ситуација? Кој кашла? Мачкината глава, една и иста, без лична физиономија. Се разбира, тие идеи на текстот јас ги кодирав во мој сценски јазик. Не ја сакам неизвесната прогноза „ќе видиме што ќе излезе“, затоа велам – ќе видите што ќе излезе. Театарот, како дел од светот постои за народот, а не обратно: не постојат народите (и неповторливите личности) за да учествуваат во трагичниот театар на нашиот свет.“ – Дејан Пројковски

Автор: Венко Андоновски, Режисер: Дејан Пројковски, Сценограф: Валентин Светозарев, Костимограф: Марија Пупучевска, Асистент на костимографот: Марија Ѓоргиевска, Скулптор: Ангел Петровски, Музика: Горан Трајкоски, Фотограф: Драган Гајиќ, Дизајнер на плакат: Горјан Донев, Инспициент: Жарко Намичев, Суфлер: Милка Анчевска

Актерска екипа: Спиридон – Рубенс Муратовски, Марија – Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ѕвездан – Филип Трајковиќ, Симон – Александар Степанулески, Сара – Сара Климоска, Џорџ – Игор Ангелов, Мериен – Сања Арсовска, Штерјо – Златко Митрески, Панзо – Предраг Павловски.

НУ Драмски театар – Скопје своите почетоци ги датира во 1946 година со премиерата на претставата „Силјан Штркот“, драматизирана приказна во четири чина, работена според мотивите на приказната за Силјан Штркот на Марко Цепенков, во драматизација на Петре Прличко. Изведена е на 21 април 1946 година на сцената на тогашниот Македонски народен театар во Скопје. Во наредните три години опстојува како Куклена сцена при Македонскиот народен театар, секоја година изведувајќи по една премиера годишно.

Во 1949 година прераснува во самостојна установа со називот Градски куклен театар, со привремени простории во тогашната Женска гимназија. Истата година направени се сериозни и успешни обиди за создавање на сопствен изведувачки ансамбл и сопствен технички персонал, како и успешен обид за зголемување на фондот на кукли за потребите на театарот. Од 1949 година опстојува како Градски куклен театар и во годините што следат, сѐ до 1958 година, успеал успешно да реализира 27 премиерни изведби.

Се чини дека 1958 година е една од клучните години за формирањето на Драмскиот театар. Имено, таа година Градскиот куклен театар прави неколку исчекори кои ќе резултираат со сериозна промена на концептот на самиот театар. Во таа 1958 година, во претставата „Принцот и просјакот“, (режисер: Предраг Дишљенковиќ, според роман на Марк Твен, драматизацијата е на Сергеј Михалков) за прв пат наместо кукли на сцената ќе се појават живи актери. Овој нов концепт, концепт на создавање претстави во кои актерите ќе ги заменат куклите кои досега, водени и управувани од актерите, беа носители на драмското дејствие, ќе го отвори патот за создавање на алтернатива во театарското творештво во Скопје, дотогаш базирано само на работата на Македонскиот народен театар, но и пошироко, во Републиката. Со ова е проширен и фокусот на интерес на Театарот во однос на публиката на театарската уметност, проширувајќи ја целната група кон која се обраќа. Репертоарот на Театарот, дотогаш базиран исклучиво на куклени претстави за деца (ѝ се обраќал само на публика до 12–13-годишна возраст), се проширува и со репертоарни претстави за младинци (обраќање на публика до 27-годишна возраст). Оттука, логичен е потегот на Градскиот куклен театар, во таа 1958 година, да го промени називот на установата од Градски куклен театар во Младинско-детски театар. Во годините што следат, до 1965 година, Младинско-детскиот театар остварил 38 премиерни изведби на претстави за деца и младинци.

На 4 март 1965 година, со премиерата на претставата „Богомилска балада“ (драматизација на  романот „Она што беше небо“ од Владо Малески на Милан Ѓурчинов и Илија Зафировски, а во режија на Тодорка Кондова-Зафировска), одбележано е свеченото отворање на новата театарска зграда на Младинско-детскиот театар. Добивањето и вселувањето на Театарот во новата театарска зграда во населбата „Карпош II“ е последната и круцијална фаза од формирањето на установата која денес го носи називот НУ Драмски театар  ̶  Скопје. Зградата на театарот е изградена со англиска помош преку Фондот за помагање обновата на Скопје од скопскиот земјотрес. Со додавката ДРАМСКИ, пред името на постоечката установа, се наговестува суштинска промена во ориентацијата на театарот, кој пред себе има поставено цел да стане нов, актуелен и современ театар, пандан на театрите во другите главни градови на републиките во тогашна СФРЈ. Подготовките за овој крупен исчекор на Младинско-детскиот театар, започнале една година порано, во летото 1964 година, паралелно со изградбата на новата зграда. Имено, во летото 1964 година, дванаесет истакнати македонски режисери и актери (Тодорка Кондова-Зафировска, Милица Стојанова, Нада Гешоска, Мара Исаја, Крум Стојанов, Ацо Јовановски, Димитар Гешоски, Јон Исаја, Дарко Дамевски, Вукан Диневски, Драги Костовски-Амфи и Кирил Ќортошев), преминуваат од Македонскиот народен театар во Младинско-детскиот театар. На 5 мај 1966 година со „Богомилска балада“ запишано е и првото учество на Драмскиот младинско-детски театар на Стериино позорје, југословенските театарски игри во Нови Сад. Ова учество го одбележува излегувањето на Драмскиот младинско-детски театар од рамките на Републиката и ја најавува појавата на овој театар на југословенската театарска сцена. Со големо задоволство, мора да се констатира дека во годините што следат, сѐ до распадот на СФРЈ, овој визионерски потег на групата македонски театарски творци кои ќе застанат зад идејата за формирање на оваа установа, ќе имплицира сериозни творечки „театарски потреси“ и надвор од границите на Републиката и ќе го етаблира Драмскиот младинско-детски театар како една од водечките театарски куќи во СФРЈ. Во 1967 година установата го менува називот во Драмски театар. Успесите на Драмскиот театар на ниво на југословенската федерација, го устоличуваат овој театар како најрелевантна театарска установа во Републиката. Од 1965 година до осамостојувањето на Република Македонија на 8 септември 1991 година, Драмскиот театар има реализирано 185 премиерни, жанровски разновидни, изведби на домашни и на странски драмски текстови од класичната и од современата домашна и светска драматика.

По осамостојувањето на Република Македонија, Драмскиот театар го задржува приматот на најрелевантна театарска куќа во Република Македонија. Од 8 септември 1991 година до денес, театарот има реализирано 190 премиери, задржувајќи го континуитетот на жанровската разновидност во репертоарската политика на театарот, како и во изборот на домашни и странски драмски текстови од класичната и од современата домашна и светска драматика.

Сепак, мора да се нагласи благата позитивна тенденција во третманот и застапеноста на домашната драматика на сцената на НУ Драмски театар – Скопје. Имено, статистичките показатели укажуваат на податокот дека до осамостојувањето на Република Македонија на 8 септември 1991 година, од вкупно 253 премиери, 68 премиери се работени со драмски текстови или драматизации од македонски автори или изразено во проценти 26,87 % , а од 8 септември 1991 година до денес, од вкупно 190 премиерни изведби, 69 се работени по драмски текстови на домашни автори или изразено во проценти – 36,31 %. Исто така, значајно е да се потенцира дека по промената на општествено-политичкиот систем на државата (од социјализам во капитализам) и отворениот простор за приватна иницијатива и независна продукција во културната сфера на општественото живеење, Драмскиот театар има остварено соработка со независни продуценти на повеќе од 30 копродукциски претстави.

Ако внимателно се разгледа репертоарот и репертоарната политика на Драмскиот театар од моментот на неговото формирање, а особено по вселувањето во новиот објект во 1965 година, како и критиките и освртите напишани по повод изведените премиери и освоените награди и признанија, многу лесно ќе се забележи дека овој театар има постојана тенденција и улога на предвесник на безмалку сите релевантни театарски случувања во Републиката. Сознанието за потребата од театар за деца, оформувањето на куклената, а подоцна и на младинската сцена, потребата за алтернатива на тогаш единствениот театар на македонски јазик во Скопје, Македонскиот народен театар, успешните промоции на младите македонски драматичари и режисери со специфичен современ сензибилитет, внимателно бираните драмски текстови од класичната и од современата светска драматика, чувството за актуелноста на драмскиот текст и моментот и времето во кое е поставуван, бескрајната грижа за негување, одгледување и развивање на актерскиот потенцијал на ансамблот – се одликите кои со макотрпна, но и длабоко обмислена работа го поставуваат Драмскиот театар на пиедесталот како најуспешна театарска куќа во Република Македонија.

НУ Драмски театар – Скопје е добитник на речиси сите релевантни награди, признанија и одликувања во областа на културата и театарската уметност, како во бившата СФРЈ така и во Република Македонија. На МТФ „Војдан Чернодрински“ наградата за уметничко остварување на претстава во целина Драмскиот театар ја има освоено 10 пати од 1979 до 2012 година. Во 2021 година на истиот фестивал е доделена наградата за севкупен уметнички ангажман и резултат на авторот и актерите на претставата „Мојот маж“.

На Стериино позорје, Драмскиот театар ги има освоено наградите за уметничко остварување на претстава во целина во 1967 година (Покојник); во 1980 година (Диво месо) и во 1990 година (Кула вавилонска); вонредна награда за претстава во целина во 1975 година (Јане Задрогаз) и во 1982 година (Еригон); наградата на тркалезната маса на критиката е освоена два пати: за претставите Јане Задрогаз (1975) и за Диво месо (1980).

На Фестивалот на малите и експериментални сцени во Сараево (МЕСС), Драмскиот театар освојува Златен ловоров венец за претставата Ништо (1973); Златен ловоров венец и Златна маска на критиката за претставата Ослободувањето на Скопје (1979) и Златна маска на критиката за претставата Еригон (1982).

Наградата „11 Октомври“, како највисоко општествено признание за особено значајни остварувања во областа на уметноста од интерес за СРМ, на Драмскиот театар му е доделена во 1975 година за претставата „Јане Задрогаз“ од Горан Стефановски.

Наградата на ЗСИЗ на културата на град Скопје за остварени посебни резултати во работата на Драмскиот театар му е доделена во 1982 и во 1984 година.

Наградата „13 Ноември“ за високиот уметнички дострел во претставата „Кула вавилонска“ на Драмскиот театар му е доделена во 1990 година.

Наградата „Климент Охридски“, како највисоко општествено признание за особено значајни остварувања во културата и уметноста од интерес за РМ на Драмскиот театар му е доделена во 1998 година.

Драмскиот театар е одликуван од двајца претседатели: (1976) Орден заслуги за народ со златна ѕвезда од Јосип Броз Тито и (2016) Орден за заслуги за Македонија од д-р Ѓорѓе Иванов.

Освртот кон историјатот на Драмски театар е важен во насока на одржување на континуитет на основните насоки и постулати кои се релевантни не само за основањето на оваа установа туку и за нејзиното успешно, безмалку, 80-годишно постоење.

Поврзани вести