
Синоќа, во рамките на својата богата и континуирана програмска активност, во Македонскиот КИЦ во Софија реализиравме уште еден значаен културен настан посветен на зачувување и афирмација на македонското културно наследство, информираат од македонскиот КИЦ во Софија.
Имено, претставен беше Националниот конзерваторски центар – Скопје, преку излагањето на неговиот директор, м-р Александар Јорданоски, кој воедно е и автор на книгата „Човекот, културата и влогот во сопствената култура“. Во своето обраќање, Јорданоски ја истакна посветеноста на Националниот конзерваторски центар во заштитата, конзервацијата и валоризацијата на културното наследство како темел на националниот идентитет. Со овој настан, всушност, ја надградуваме нашата динамична годишна програма, во која веќе се впишуваат над дваесетина реализирани настани, со што ја потврдуваме посветеноста кон систематска и квалитетна промоција на македонската култура во меѓународни рамки. За значењето и улогата на Националниот конзерваторски центар говореше и д-р Јехона Спахиу-Јанчевска, историчар на уметноста и советник-конзерватор, која ја потенцираше важноста на стручниот и научниот пристап во зачувувањето на културните вредности и нивното пренесување на идните генерации. Во рамките на настанот одржана беше и промоција на книгата „Човекот, културата и влогот во сопствената култура“ од Јорданоски, дело кое претставува резултат на долгогодишно професионално искуство. Книгата нуди кохерентна и аргументирана анализа во која културата се согледува како суштинска врска меѓу идентитетот, историската меморија и современите општествени текови, но и како простор на одговорност, критичка мисла и визија. За книгата говореше д-р Спахиу-Јанчевска, а свое излагање имав и јас, како директор на Македонскиот КИЦ во Софија и дипломатски советник, при што истакнав дека ова дело претставува значаен научен и општествен придонес. Нагласив дека книгата отвора важни прашања и нуди релевантни одговори поврзани со културата, идентитетот и развојот на современото македонско општество, при што има потенцијал да биде од корист не само за научната и стручната јавност, туку и за креаторите на политики и пошироката културна сцена. Со својата интердисциплинарност, аналитичка прецизност и ангажираност, делото на Јорданоски се вбројува меѓу поважните современи трудови кои го третираат културното наследство и неговата улога во општеството. Настанот уште еднаш ја потврди важноста на културниот дијалог и соработката, како и потребата од континуирана грижа за зачувување и афирмација на културните вредности.

Македонски


