Skip to main content

„KIDLY“- детскиот свет низ сликарскиот израз на Арбана Дехари

Синоќа (08-10-2026) во Македонскиот културно-информативен центар во Софија беше отворена самостојната изложба „KIDLY“ на младата уметница Арбана Дехари од Тетово. Изложбата, составена од дваесетина дела реализирани во техника масло на платно, е посветена на детскиот портрет и на истражувањето на детскиот лик како сложен простор на емоција, индивидуалност и човечко присуство.

Отворањето на изложбата го одбележа обраќањето на директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, кој во своето обраќање истакна дека „KIDLY“ не треба да се восприема единствено како изложба на детски портрети, туку како уметничка средба со еден свет што секој човек го носи во своето сеќавање – светот на детството.

Во освртот кон изложбата, проф. д-р Пејковски посочи дека детскиот лик, иако на прв поглед едноставен и непосреден мотив, отвора низа посложени прашања поврзани со човековата индивидуалност, емоцијата и минливоста на времето. Според него, во делата на Дехари детето не е претставено само како визуелен мотив, туку како носител на сопствена приказна и внатрешен свет.

Особено внимание беше посветено на начинот на кој младата авторка преку портретот воспоставува директен однос меѓу насликаниот лик и набљудувачот. Погледот, мимиката и суптилните промени во изразот на лицето стануваат значајни средства преку кои се гради индивидуалноста на секој портрет. Во таа смисла, Дехари не се ограничува на физичкото претставување на детето, туку се обидува да ја долови неговата непосредност и специфична емотивна состојба.

Изложбата „KIDLY“ претставува и своевидно продолжение на долгогодишниот интерес на Арбана Дехари кон детската фигура. Нејзината тематска определба е присутна уште во нејзината дипломска работа „Портретот на децата како огледало на емоциите“, а продолжува и во магистерското истражување „Детската фигура, одраз на сиромаштијата“. Преку овие истражувања се согледува континуитетот во нејзината уметничка преокупација со детството, но и нејзината чувствителност кон различните аспекти на детската егзистенција.

Во „KIDLY“ овој интерес е насочен пред сè кон индивидуалниот лик. Детските лица се претставени со различни изрази и расположенија, а нивната разновидност создава своеобразна галерија на детски карактери. Авторката покажува особена чувствителност во третманот на лицето, при што светлината, сенката и тонските премини придонесуваат за пластичност и живост на портретите.

Маслената техника ѝ овозможува на Дехари постепено да ги гради формата и тоналитетот, додека топлиот и хармоничен колорит придонесува за интимната атмосфера на изложбата. Композициите се концентрирани и насочени кон ликот, со што вниманието на гледачот останува фокусирано врз најважниот елемент – детското лице и неговиот израз.

Значаен аспект на изложбата е и нејзината универзална комуникативност. Детството е искуство што, на различен начин, го поврзува секој човек. Токму затоа портретите на Дехари не остануваат затворени во индивидуалните приказни на претставените ликови, туку отвораат простор за лична асоцијација и сеќавање. Во нив гледачот може да препознае туѓ лик, но и нешто од сопственото детство.

Арбана Дехари е родена во 1998 година во Тетово. Образованието го стекнува на Факултетот за уметности при Универзитетот во Тетово „Фадил Сулејмани“, на студиската програма Ликовна уметност – наставна насока, во класата на проф. Решат Амети. Дипломира во 2020 година, а магистерските студии ги завршува во 2023 година.

Во досегашната уметничка практика реализира повеќе самостојни изложби, меѓу кои „Детство и емоции“ во Центарот за култура во Дебар, „Детство и сиромаштија“ во Уметничката галерија во Тетово, „Бисери“ во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Тирана, „Бисери – втор дел“ во НУЦК „Кочо Рацин“ во Кичево и „Детскиот универзум како уметнички мотив“ во Центарот за култура во Гостивар.

Покрај самостојните проекти, Дехари учествува на бројни колективни и меѓународни изложби и уметнички проекти во соработка со институции и организации од повеќе земји, меѓу кои Косово, Албанија, Турција и Тајланд.

Отворањето на „KIDLY“ во Софија претставува уште една можност за претставување на современото македонско ликовно творештво пред бугарската публика и продолжување на културната размена преку уметноста.

Изложбата ја потврдува и улогата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија како простор за претставување на автори и уметнички тенденции од Македонија, но и како место за воспоставување културен дијалог.

„KIDLY“ останува како интимен и визуелно препознатлив запис за детството – за неговата непосредност, чувствителност и неповторливост. Преку своите портрети, Арбана Дехари отвора прашања за она што се менува со времето, но и за она што уметноста може да го зачува: еден поглед, една емоција, еден миг од човековото растење.

Во тој контекст, изложбата претставува значајна етапа во досегашниот развој на младата авторка и уште една потврда дека детскиот лик, обработен со сериозен ликовен пристап и лична чувствителност, може да биде моќен и современ уметнички мотив.

Поврзани вести