Skip to main content

Eдна година по Кочани, што научивме како држава?

16 март ќе остане запишан како еден од најтажните денови во поновата македонска историја.Кога во неделата, тоа кобно утро, ја слушнавме веста дека избувнал пожар во дискотека во Кочани, никој не помислуваше дека веќе ништо нема да биде исто. Прво дојде неверувањето. Потоа шокот. Па бесот,коментира авторот на ТВ Колумната „5 минути со Чавез“.

Шеесет и три млади животи згаснаа за неколку минути. Деца кои излегле да се забавуваат, да слушаат музика, да се смеат, да живеат. Наместо тоа, останаа заробени во објект што со години функционирал како импровизиран ќумез, а се нарекувал дискотека. Да не беше пожарот – ќе продолжеше да работи. Ќе продолжеше да полни џебови.

За Кочани и за Македонија тој ден слушна цела Европа. Но не поради успех. Не поради култура. Не поради спорт. Туку поради трагедија и прашањето: како дозволивме ова да се случи?

Да, постојат директни виновници. Но најголемиот виновник е системот. Систем што со години дозволувал објект да работи без соодветна дозвола – или со истечена. Регистриран како кабаре, а функционирал како дискотека. Тоа значи дека по полноќ таму не смееле да има малолетници. А имало. И тоа многу.

Внатре имало најмалку двојно повеќе луѓе од дозволениот капацитет. Таванот бил прекриен со леснозапаливи материјали – доволно било кибритче, а не пиротехника. Една единствена врата – и за влез и за излез. Прозорци со решетки како во затвор.

фото МИА

Корупцијата со години замижувала. Институциите потфрлале. Контролите биле формални или селективни. И сè додека не избувна пожарот, сите си ја префрлаа одговорноста.

Можеме да набројуваме уште многу. Но тоа нема да ги врати децата.

Клучното прашање е: ја научивме ли лекцијата? Една година подоцна – дали нешто навистина се промени?

Дали денес сите дискотеки и ноќни клубови ги исполнуваат минималните стандарди? Дали младите кога излегуваат се чувствуваат безбедни? Дали родителите можат мирно да спијат? Дали се издаваат фискални сметки, или сè уште функционираат „парагон блокчиња“ и „каса-прими“ системи што никој не ги контролира?

Пред неколку месеци започна и судењето. Прашањето е – ќе има ли правда?

Па макар и бавна, но достижна.

Она што досега го гледаме од рочиштата не влева голема надеж. Долг список на обвинети – директори, поранешни министри, службени лица, полицајци. Гломазно обвинение. Теорија за верижна одговорност, која е најтешка за докажување.

Фокусот мора да биде јасен: кој директно придонел за трагедијата и кој со своето конкретно дејствие или недејствие дозволил системот да потфрли. Ако процесот се развлекува со години, тоа нема да биде пораз само за семејствата на жртвите – туку и за државата.

Одбраната на дел од обвинетите веќе побара ревизија на обвинението и повлекување на делови што се однесуваат на лица за кои тврдат дека немале директни овластувања во моментот на пожарот. Судот ќе треба да одлучи дали обвинението е прецизно и издржано или преобемно и ранливо.

Во некои европски земји, паралелно со судските процеси, се применува и концептот на вонсудска сатисфакција – финансиско обештетување за семејствата, без да се чека правосилна пресуда. Тоа не ја лечи болката. Не ги враќа животите. Но барем покажува институционална одговорност и признавање на пропустите.

Но трагедијата во Кочани не е изолиран случај. Таа е симптом.

Системот потфрли и во други случаи. Младата мајка која скокна од тераса, држејќи го во прегратка своето дете, по години малтретирање. Пријавувала. Повлекувала пријави. Стравувала. Системот реагирал формално, но не доволно за да ја заштити. Насилникот е во притвор, но тоа дојде предоцна.

Колкав страв и безизлез морала да чувствува таа жена за да одлучи дека смртта е единственото бегство?

Ја имавме и девојката од Велес убиена заедно со својот татко од поранешен партнер кој не прифатил раскинување. И таа пријавувала.

Во Скопје – сопруг пука кон сопругата и трите ќерки.

Колку предупредувања ни требаат? Алармот одамна е вклучен. Прашањето е – има ли кој да го слушне?

Не е доволно институциите да кажат дека „знаеле“. Не е доволно да се отвори предмет по трагедијата. Превенцијата мора да биде посилна од реакцијата.

Ниту една жена не смее да остане сама. Ниту едно дете не смее да биде оставено на милост и немилост на насилник. Ниту еден млад човек не смее да влезе во објект кој не ги исполнува основните безбедносни стандарди.

Агресијата не смее да се толерира. Корупцијата не смее да се оправдува. Нефункционалноста не смее да се нормализира.

Тоа им го должиме на 63-те млади животи од Кочани.Им го должиме на секоја Ивана.Им го должиме на сите што веќе не се тука.За да не стане следната трагедија само уште една вест во утринските наслови.За да не биде повторно – предоцна.

Поврзани вести