
Да се зголеми размената од 207 милиони на една милијарда евра, да се отворат коридори за сите земји што немаат море, да се укинат царинските бариери, а Драч да стане алтернатива за солунското пристаниште – порачаа стопанствениците од Македонија и Албанија на денешниот бизнис-форум „Преку границите“, што се одржува во Скопје.
Тие укажаа на потребата од подобра поврзаност, добра инфраструктура и заеднички настап на трети пазари.
Економската соработка е добра, но може да биде многу подобра. Имајќи ја предвид поврзаноста на двете држави, бројките се незадоволотелни. Минатата година размената достигнала 180 милиони евра или зголемување од 40 милиониво споредба со 2020 година. Во првиот квартал од 2026 размената е 38 милиони евра. Ова е добро, но имајќи ја предвид поврзаноста на двете држави, тогаш овие бројки се незадоволителни и треба да бидат многу, многу повисоки. Чудно е како успеваме да тргуваме со Германија, Франција, Велика Британија, а не и меѓусебе, во регионот. Тоа мислам дека е сериозен предизвик – истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Според него, освен подобра поврзаност и подобра инфраструктура, на Македонија и на Албанија им е потребна и промена на менталитетот.

Албанскиот амбасадор во земјата, Денион Мејдани, рече дека клучен предизвик за Македонија и за Албанија е да ги засилат врските и да ја интензивираат соработката.
Коридорот 8 е стратешки проект, кој ги става нашите земји во европската транспортна архитектура. Патот кон просперитетот е повеќе доверба, повеќе инвестиции, енергија, заеднички проекти… Албанија ја гледа Македонија како природен партнер. Работа на избор е дали ќе останеме на периферијата или ќе бидеме дел од современите текови и ќе градиме добро соседство – истакна амбасадорот.

Според претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, криминалците повеќе од бизнисмените ги користат „предностите“ за поголема соработка.
Срам да им е на бизнисмените, криминалците се пред нас. Да се обединиме, да ги затвориме дупките и да ги искористиме потенцијалите за јакнење на соработката, за зголемување на трговијата и размената – нагласи Азески.
Инвестициите, поврзаноста и туризмот, се во фокус на форумот што го организира Стопанската комора на Македонија, во соработка со Амбасадата на Република Албанија. Најавени се три панели на овие теми, а присуствуваат претставници на институции, инвеститори и деловни лидери од двете земји.
Како што беше речено, следниот форум се очекува да биде во Тирана.
Фото: МИА

Македонски



