
Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет при УКИМ бара од МОН и од Бирото за развој на образованието предметот Педагогија да остане во наставата затоа што со новата верзија на концепцијата за гимназиско образование се укинува, исто како и со првата што лани беше повлечена. Институтот бара повторно разгледување на концепцијата и вклучување на предметот Педагогија во наставниот план за гимназиите најмалку како изборен предмет, укажувајќи дека со важноста што ја има би придонел уште повеќе ако се изучува како задолжителен предмет.
Наставниот кадар од Институтот за педагогија во писмо до БРО и до медиумите наведува дека изоставувањето на предметот Педагогија од гимназиското образование е „систематско потиснување на воспитната димензија во образованието.“
– Во услови на изразени општествени, морални и вредносни кризи, како и со зголемени предизвици поврзани со однесувањето на младите, менталното здравје, насилството и социјалната одговорност, ваквата одлука не е само стручнo неоправдана, туку и општествено неодговорна. Педагогијата во гимназиите не е вишок, туку неопходен предмет кој придонесува за развој на критичко мислење, саморефлексија, морална свесност и разбирање на воспитно-образовните процеси. Таа ги подготвува учениците за активно и одговорно граѓанство и претставува значајна основа за понатамошни студии во областа на воспитанието и образованието, општествените и хуманистичките науки. Сметаме дека укинувањето на предметот Педагогија нема да придонесе за подобрување на квалитетот на средното гимназиско образование, кој сите го посакуваме, ниту ќе ги даде очекуваните резултати, се истакнува во реакцијата.
Во Институтот за педагогија на УКИМ се незадоволни од тоа што не се земени предвид стручните укажувања и аргументи за предметот Педагогија што ги доставиле минатата година на јавната расправа за концепцијата за гимназиско образование.
– Институтот за педагогија вторпат јавно реагира и аргументирано укажува на значењето и неопходноста од изучување на предметот Педагогија во гимназиското образование. Фактот што нашите реакции не се земени предвид отвора сериозни прашања за смислата и кредибилитетот на јавната расправа, како и за реалната вклученост на стручната и научната јавност во процесот на креирање образовни политики. Јавна расправа без суштинско уважување на стручните мислења се сведува на формалност, а не на демократски и инклузивен процес, реагираат од Институтот за педагогија.
МИА

Македонски

