Skip to main content

Вевчанскиот е инспирација за карневалот во Берхем – карневалите ја зближуваат заедницата низ маски, улични паради, забава и креативност

Корсо де лас Лусес, Александра Велкоска, МИА

На улиците на Берхем, општина со 40-тина илјади жители во југозападниот дел на Антверпен, минатата недела се одржа карневалот „на друштвото на светлината“ – Corso de las Luces, а меѓу маските кои продефилираа на улиците од овој белгиски град имаше и вевчански маски.

Младите вевчанци Виктор Пешиноски од Горна маала и Григориј Плукоски од Долна маала, облечени во едни од најпрепознатливите вевчански маски – Глупавиот август и Ѓаволот и изведувајќи  музика на зурла и тапан, со својата автентичност го привлекоа вниманието на присутните жители од Берхем.

Нивниот специфичен и уникатен настап на фестивалот на кој присуствуваше и МИА, секако беше вистинско изненадување за локалните жители кои ги наградија со голем аплауз претстваниците на Вевчанскиот карневал – македонски национален бренд со илјадагодишна традиција.

Александра Велкоска, која е дел од општинската организација која се грижи за најголемиот настан во Општина Вевчани, Вевчанскиот карневал, ни откри дека учеството на овој локален фестивал се должи на воспоставената соработка во рамки на проект финансиран од Еразмус плус програмата на Европската Унија. Целта на оваа посета, вели, е размена на карневалските искуства.

Нашиот Вевчански карневал е уникатен, eдинствен, и различен и многу стар и затоа е  секогаш привлечен за гости. Оваа група која го организира карневалот во Антверпен –Берхем, има истражувано многу за нашиот карневал. Нивен претставник пред неколку години беше наш гостин во Вевчани и во една спонтана комуникација околу карневалите дојде до идеја за размена на карневалските искуства. Аплицираа до нивната општина со проект за размена на карневалското искуство, кој општината го одобри и добија средства преку Еразмус програмата. Ние направивме тоа што требаше, испративме документација, а главниот апликант беше од Белгија, белгиската општина Берхем. Проектот беше добиен и тие беа наши гости годинава. Одлично си поминаа, ја видоа суштината на карневалот, сите обичаи, зошто се прави карневалот, што ни значи нам. Беа дел од карневалските поворки, одеа заедно со василичарските друштва  во домовите за точно да ги видат сите тие ритуали што нам ни значат“, вели Александра, која беше дел од делегацијата од Општина Вевчани.

Таа потсети на значењето и традициите за Вевчанскиот карневал кој се празнува секоја година на 13. и 14 јануари, за Стара нова година – Василица.

Тоа е еден ритуал кој што го означува доаѓањето на новата година, а се верува дека така се бркале злите духови со силна музика, со страшни маски и критични маски кон  општеството, кон политичарите, кон владетелите во историјата. Целта на карневалот е се она што било лошо во минатата година да се избрка, да се победи и новата година да почне чиста, благословена“, вели таа.

За разлика од нашиот, овој карневал е понов, подвлекува младата вевчанка. Групата која стои зад карневалот во Берхем подолго време истражувала за карневалите и така решиле да го организираат „Корсо де лас Лусес“.

На карневалот во Берхем присутни се со две традиционални маски, Глупавиот август и Ѓаволот.

На  нашиот – Вевчанскиот карневал централната улога ја имаат зетот и невестата, но бидејќи носијата е пообемна, не можевме да ја донесеме, а сепак со оглед дека сме мал број членови кои можевме да учествуваме, решивме музичарите да се стават во две улоги –  да свират зурла и тапан, но и да носат маски со цел да претставиме што можеме повеќе од нашиот карневал тука. Целта ни е да си го претставиме нашиот карневал,  луѓето да видат какви маски ние правиме, каква е нашата карневалска музика, да го искусиме нивниот карневал, да ја слушнеме нивната карневалска  музика,  да ги размениме тие карневалски искуства. Групата што го организира овој карневал во Берхем е мултинационална, па и музиката е мултинационална. Тие потекнуваат од Аргентина, Мексико, Шпанија, Белгија, секој од нив си ги носи своите национални специфики и секој од нив придонесува и ги носи карневалските обичаи, маски и карневалска музика од нивното родно место на овој карневал. Карневалите секогаш се разнолики, живоста на боите е многу важна, тоа го прави празнувањето најдобро и сите тие работи може да ги видиме овде“, нагласува Александра.

Покрај учеството на главниот настан, големата карневалска парада, придружена од големи концерти каде нашата делегација настапи на сцената, на отворањето на карневалот со нашата музика и со претставувањето на маските што овојпат успеале да ги донесат, тие претходниот ден биле дел и од детската парада заедно со музиката која продефилира низ улиците на Берхем, а во која учествувале повеќе локални училишта.

Во рамки на посетата на Берхем вевчанската делегација одржала и работилница каде, како што гордо вели Александра, имале можност на најдобар можен начин да го претстават карневалот во Вевчани.

Во однос на самата соработка, таа вели целта на нашите пријатели од Берхем е да се прошири знаењето и кон други карневалски градови со цел и други карневали да се запознаат со сличностите и разликите, значењето на сите тие ритуали и маски.

Забавата и креативноста на карневалот во функција на зближување на заедницата 

Енрике Новиело, еден од групата од петмината ентузијасти која е спиритус мовенс или главниот виновник за постоење на карневалот ни раскажа за тоа колку долго постои и како дошле до идејата да направат карневал тука во Берхем.

Приказната почна пред дваесетина години, кога заедно со еден мој колега дојдовме до идеја да репродуцираме улична манифестација типична за Буенос Аирес во Аргентина, каде што сме родени. Ја организиравме манифестацијата десет години во Белгија, а потоа моравме да престанеме, главно од економски причини. Пред пет години, заедно со мојот бенд „Ла Мурга Армада“ (La Murga Armada) дојдовме да го посетиме овој културен центар и отидовме да разговараме во општината со идеја да организираме фестивал за целото семејство. Фестивал кој би соработувал со училиштата, со домовите за стари лица и кој би го направиле што е можно попопуларен, за сите да се чувствуваат добредојдени. Ова е четврто издание, а сон ни е да го поканиме целото наше соседство да биде дел од оваа прослава, заедно да чекориме по улиците, да споделиме момент на меѓусебно запознавање, меѓусебно дружење… За нас, тоа е најважното нешто. Карневалот е изговор да ги зближиме луѓето“, вели Енрике, односно Кике, како што го викаат блиските.

Ова е четврта година како ја организираат манифестацијата и задоволни се од одѕивот на локалната заедница и реакциите на жителите во Антверпен, во кој, како што посочува, живеат припадници на над 160 националности.

Одличен е одѕивот. Но, зошто е одличен одѕивот? Како што видовме и кога го посетивме Вевчанскиот карневал, според мене, карневалот е народен фестивал. Тоа е забава каде што сите се добредојдени, без разлика на бојата на кожата, без разлика на националноста, богати, сиромашни, убави, грди, сите се добредојдени. За време на карневалот, многу често забележувам дека луѓе кои можеби се срамежливи, потоа почнуваат да танцуваат и блескаат. Луѓе кои можеби се тивки, потоа почнуваат да пишуваат и ги пишуваат најдобрите песни за карневалот. Затоа верувам, целосно сум убеден, дека карневалот е креативен простор на целосно ослободување. Ова го видовме и во нашето соседство. Во Антверпен живееме заедно со 160 различни националности. Има многу предизвици, но и многу потенцијал, во зависност како сакате да гледате на тоа. Јас тоа го гледам како потенцијал“, дециден е Енрике.

Дел од карневалот, односно дел од нивиот проект „Корсо де лас Лусес“ (Corso de las Luces) вклучува и соработка со училиштата. Оваа година работеле заедно со пет училишта и околу 1.500 деца учествувале на парада во соседството. Напишале една песна за училиштата и за соседството, која беше изведена на почетокот од отворањето на карневалот.

Работиме заедно со училиштата, а училиштата одлучуваат дали ќе работат со децата од прво, второ и трето одделение или ќе работат со поголемите деца. Се разбира, училиштата имаат свои програми, а за наставниците понекогаш и онака е многу тешко да се исполни програмата. Но, мислам дека следната година ќе се обидеме да организираме целогодишна програма со училиштата. Да ги вклучиме училиштата во вистински партиципативен, креативен процес, што ќе трае цела година за да се создадат костимите, да се работи на текстовите, да се осмислат кореографиите, да се вклучат децата во целиот креативен процес“, вели Енрике.

Името, пак, на карневалот, „Корсо де лас Лусес“ (Corso de las Luces), ни ја рарзешува енимгмата Енрике, доаѓа од зборот „corso“ со кој во Латинска Америка се означуваат карневалските друштва, а „де лас Лусес“ е референца на светлината, како и на огнот.

Низ вековите, луѓето се собирале токму околу огнот за да раскажуваат приказни. Седејќи околу огнот, тоа било место каде што се чувствувале безбедни, стоплени и каде се сретнувале едни со други. Каде што приказните се пренесувале од татко на син, од генерација на генерација, каде што се граделе традиции. Користењето на светлината и на огнот за нас беше вистинска поетска слика. На шпански, „Корсо де лас Лусес“ би значело нешто како друштво на светлината“, појаснува Енрике.

За соработката со Вевчанскиот карневал

На соработка со карневалот во Вевчани го поттикнале две причини, приватна и професионална, искрен е Енрике. Приватната е, вели, што неговата девојка е од Македонија, од Скопје, па многупати ја посетил Македонија последниве години, а втората е неговата фасцинација од карневалите и силниот интерес да ги истражува.

Многу сакам да посетувам карневали, па открив дека Македонија го има еден од најстарите карневали во светот, Вевчанскиот. Бидејќи во Европа се одржуваат најстарите карневали, а ова е еден од најстарите карневали во Европа, па со тоа и во светот, бев заинтригиран, па барав видеа на интернет. Лани првпат го посетив карневалот и тогаш ја запознав Александра. Поднесовме предлог-проект до Еразмус+, европската образовна програма, каде што аплициравме за средства и ни го одобрија проектот. Така, оваа година го посетивме Вевчани за време на карневалот и учествувавме на него. Дури добивме и тамошни пасоши. Сега имам три државјанства: на Аргентина, Белгија и Вевчани. Ми треба само уште македонски пасош“, шеговито вели Енрике.

Нашата програма за размена, додава тој, беше да патуваме во Вевчани за да ја проучиме традицијата и начинот на кој го живеат карневалот, а и тие да дојдат кај нас и да ни раскажат приказни, да споделат искуства и знаење за традициите и организацијата.

Навистина се инспиративни сите тие приказни – мали, а значајни. Ова е првиот чекор кон поголема меѓународна карневалска соработка… Можностите се пред нас. Убеден сум дека карневалот е креативна лабораторија, каде што можат да се случат убави работи што би можеле да го подобрат квалитетот на живот во заедницата“, вели Енрике, коментирајќи ја и презентацијата од страна на делегацијата од Вевчани за нивниот карневал одржана за време на посетата  во нивниот културен центар „Корсо“ и престојот во Берхем.

Прашан за Вевчанскиот карневал, како би го опишал во неколку збора, тој едноставно повика  – одете таму, учествувајте и искусете го.

Одете, маскирајте се и учествувајте. Немојте само да го гледате отстрана. Доживејте го. Наводенете се, како што велиме. Влезете и наводенете се. Впливајте и доживејте го. Скокнете во искуството, оти тоа е единствениот начин да разберете зошто традициите се толку важни за една заедница“, порачува овој вљубеник во карневалите.

За себе вели дека ужива во својата работа – компонира музика за филм и театар, работи на меѓународни проекти за соработка, а во моментов е посветен на дизајнирање проекти за меѓународни програми за размена што вклучуваат уметност, култура и традиција.

На левиот ракав од неговиот весел карневалски костум го забележувам исцртан ликот на Че Гевара, икона на 20 век и негов сонародник. Тоа го поттикна да спомне дека сега е дел и од еден проект во кој ја истражуваат румбата. Румбата, со особена страст потенцира Енрике, исто така има многу вкоренета традиција, таа е повеќе од само музика, создава заедници. 

Верува во креативноста на човечкото суштество, а уште повеќе во креативноста на заедницата. Иако живееме во време на екстремен индивидуализам, вели, патот е враќање кон заедницата, кон старите традиционални вредности.

Со карневалот повторно велиме:

Ајде да се обединиме. Ајде да најдеме изговор за сè уште да седиме околу огнот, сè уште да сме здружени“ – вели со „заразна“ енергија овој натурализиран Белгиец родум од Аргентина кој веќе 24 години како е преселен во Европа и го живее својот луциден креативен сон.

Нему и на неговиот тим секако не му недостигаат идеи, размисли и концепти да ја остварат нивната посакувана визија за Корсо де лас Лусес, како што е и оваа соработка со Вевчанскиот карневал – нашиот македонски национален бренд со илјадагодишна традиција.

Поврзани вести