Skip to main content

ЦУК: Паднати дрвја и искршени автомобили по ветерот и поплавите

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира за епилогот по невремето, поплавите и ветерот што ја зафати Македонија. Во Скопје, како резултат на ветерот, на шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.

За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

„Во врска со поплавите од претходните денови во селата Чајлане, Буковиќ и Семениште, состојбата постепено се нормализира“, посочуваат од ЦУК.

Околу поплавите, во Тетово, патниот правец меѓу селата  Тумчевиште и Чегране сè уште е затворен за сообраќај поради безбедносни причини.

Нивото на реката Вардар е намалено во однос на претходните три дена и во моментов нема опасност од излевање.

„Во текот на ноќта, во селата Нераште и Глоѓи (Општина Теарце) паднати се две бандери од Телеком. Во село Нераште бандерата е падната покрај патот и не го блокира сообраќајот. Во село Глоѓи бандерата е падната преку патот. Известен е Телеком, а проблемот ќе се решава во текот на денот“, соопштува ЦУК.

На територијата на Кичево се очекува понатамошна стабилизација на состојбата. Нема пријави за одрони на магистралните патишта и сообраќајот се одвива редовно.

„Бројот на евакуирани лица останува непроменет – 250 лица (63 семејства), на кои редовно им се доставуваат храна, вода и неопходни средства. Екипа од Медицинскиот центар врши здравствени прегледи и дава соодветни совети на евакуираните лица“, нагласуваат од ЦУК.

Екипи на ЈП „Комуналец“ работат на расчистување и продлабочување на коритото на Зајашка Река, со поддршка од механизација на локални компании.

„Паралелно се врши чистење на фекалната и атмосферската канализација. ТППЕ, со поддршка на пумпи од ПО ДЗС Кичево, продолжува со испумпување на водата од подрумите на улиците Прилепска, Пиринска, Први Мај, 29 Ноември и други локации каде има пријави за поплавени објекти“, стои во утринското соопштението по поплавите и ветерот.

Инаку, ЦУК претходно извести и дека силниот ветер откорнал лимена конструкција од кровот на средното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија. Случајот бил пријавен преку Единствениот број за итни повици 112.

Поврзани вести