Skip to main content

Шефот на судии на УЕФА доаѓа во посета на ФФМ

Во организација на Фудбалска федерација на Македонија, во четврток во Скопје ќе се одржи свеченото доделување на ФИФА значките за македонските интернационални судии за 2026 година. Настанот ќе го отвори претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, на чија покана во Скопје ќе престојува и шефот на судии на УЕФА, Роберто Росети. Росети, кој воедно е и комесар за делегирање судии во рамки на УЕФА, ќе одржи предавање пред македонските арбитри.

Свое излагање ќе има и претседателот на Судискиот одбор при ФФМ, Емил Божиновски.

Ова е првпат Македонија и ФФМ да бидат посетени од шеф на судии на УЕФА, и тоа на официјална покана на претседателот на ФФМ, што претставува силна потврда за угледот на раководството на нашата федерација и активната соработка со европските фудбалски институции, објави ФФМ.

Во рамки на настанот, свечено ќе им бидат доделени ФИФА значките на македонските интернационални судии за 2026 година.

Ова е значаен момент за македонското судење. Присуството на Роберто Росети и директната комуникација со највисокото ниво на европското судење претставуваат огромна можност за нашите судии. Верувам дека ваквите настани ќе придонесат кон дополнително професионализирање, поголема одговорност и уште подобра меѓународна афирмација на нашите арбитри, истакна Јосип Бартон, комесар за делегирање судии во рамки на ФФМ.

На семинарот ќе учествуваат повеќе од 70 судии од целата држава.

Поврзани вести