
Петта година по ред, „Скопскиот поетски фестивал“ го организира настанот „Отскочна даска“, наменет за младите поети на возраст од 16 до 30 години, коишто со својата поезија ќе се претстават на 12 март, со почеток во 20 часот, во Скопје.
Повикот е наменет за сите што можеби веќе ги објавиле своите први песни во некое книжевно списание, или веќе ја објавиле и својата прва стихозбирка, можеби веќе настапиле на некое поетско читање или чекале токму ваква можност да се охрабрат и да го направат тоа за да бидат прочитани, видени и слушнати и, споделувајќи ги своите стихови, да стекнат нови пријателства на овој преднастан на фестивалот.
Интерно жири, врз основа на испратените песни, ќе ги избере учесниците што ќе настапат на „Отскочна даска #5“, а вечерта, на поетското читање, тие самите, со анонимно гласање, ќе го изберат најдобриот или најдобрата меѓу нив врз основа на севкупниот впечаток по настапите. Со ова ќе одлучат кој млад поет или поетеса ќе отскокне до официјалното отворање на шестото издание на СПФ и ќе чита како претставник на најмладата генерација, заедно со другите повозрасни и етаблирани поети. Дополнително, со избраните поети ќе се одржи и работилница за уредување на песните, што пред почетокот на фестивалот ќе бидат објавени во посебно издание, заедно со песните на сите досегашни учесници на минатите изданија на „Отскочна даска“.
Заинтересираните учесници треба да се на возраст од 16 до 30 години и да испратат куса биографија, фотографија (портрет) со висока резолуција и две свои песни во Word на мејлот [email protected] најдоцна до 25 февруари на полноќ.
Имињата на одбраните поети ќе бидат објавени на 5 март на Фејсбук и на Инстаграм страниците на фестивалот, а потем ќе бидат контактирани и по мејл.
Одбраниот млад поет/поетеса ќе чита и на официјалното отворање на СПФ на 7 мај ‒ стои во повикот на „Скопскиот поетски фестивал“.
Скопскиот поетски фестивал, чиешто шест издание ќе се одржи во периодот од 7 до 9 мај, е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Македонски



