
Ни остави спомени и приказни вредни за прераскажување, а сега кога си таму горе, изиграј една табла со Дади, напиј се вино со Ванчо и секако гледај некоја добра претстава, кажа денеска на комеморацијата во Драмски театар Скопје Симон, синот на актерот Лазе Манасковски, кој почина на 20 декември годинава на 67-годишна возраст.
Во присуство на семејството, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, голем број колеги, пријатели и почитувачи, денес во Драмскиот театар се одржа комеморацијата за актерот Лазе Манасковски.
Министерот Љутков во телеграмата напиша:
Се простувам од човек со кого делев сцена, време и професија, од уметник чија посветеност, тивка сила и длабока човечност оставија трајна и неизбришлива трага во македонскиот театар. Лазе Манасковски беше актер кој не се штедеше себеси, кој со искреност и достоинство ја живееше уметноста и ѝ служеше со целото свое битие. Ќе недостасуваат неговиот глас и енергија што ја носеше со себе. Изгубивме колега од кој се учеше за професијата, но и за човечноста“.
Телеграми со сочувство беа испратени од колегите од повеќе македонски театри како и од Факултетот за драмски уметности.
Во емотивниот говор Симон раскажа што значел театарот за Лазе, за неговиот пристап кон уметноста и кон сцената, посветеноста во секоја улога, за политиката, за неговата човечност и добродушност.

Денес ќе ви раскажам малку за татко ми, за неговата вистина и за неговиот театар. Како актер, веруваше многу во дисциплината. Не се доаѓа 15 минути пред почеток на претстава, кога ќе излезеш на сцена, на проба, текстот мора да се знае, така велеше. Мразеше кога пробата доцни или кога се одолговлекува повеќе отколку што треба. Уживаше, уживаше да чита текстот дома и да ја подготвува дома улогата. Мислам дека тоа му помогна да се фокусира на претставата и да биде продолжена рака на режисерот. Татко ми сакаше искреност, веруваше во конструктивна критика, велеше: само така може да има добра претстава. Кога политика успеа да се провлече на овие штици што значеа живот, се почувстува предаден. Одеднаш, вистината стана магла, а образот валкан. Лазе Манасковски беше стара школа, театарот пред се. Оптимистички веруваше дека театарот ќе излезе победник. Е така како втор актер, со најмногу одиграни претстави во Драмски замина во пензија во втора категорија. Стари, денес нема погорд син од мене. Како се молчеше со себеси, како стоеше зад она што го мислиш и зборуваш, и твојот занает во кој уживаа повеќе генерации. Ти благодарам многу, ќе ми недостигаат нашите разговори, за театарот и твојот хумор кој не го изгуби до самиот крај. Ни остави спомени и приказни вредни за прераскажување, а сега кога си таму горе, изиграј една табла со Дади, напиј се вино со Ванчо и секако гледај некоја добра претстава. Никогаш нема да го заборавам моментот кога првпат ме однесе во театар, со неговата љубов кон сцената ми ја отвори вратата кон светот на уметноста и ми покажа дека животот може да биде исполнет со магии и инспирации. Лазе беше човек кој знаеше да остави трага во срцата на луѓето околу него. Неговата насмевка, човечност и блискост ќе останат засекогаш со мене, кажа Симон Манасковски.
Колешката на Лазе, Катерина Коцевска се присети дека студирале заедно и на ист ден и во иста година се вработиле во Драмскиот театар.
Целиот работен век го поминавме овде, играјќи многу претстави заедно, се дружевме и приватно и професионално. Беше многу грижлив и посветен татко и ја сакаше својата Васка. Гледајќи ги фотографиите од нашите заеднички претстави на веста на неговата смрт, една фоотграфија особено ме потресе. Тоа е од претставата ‘Собирен центар’, местото каде што луѓето одат кога ќе умрат. На таа фотографија е Мите Грозданов, Димитар Мешковски, Ванчо Петрушевски, Марин Бабиќ, Лазе. Пред 12-тина дена ми се јави Лазе. Гласот му беше тежок и ми рече: Кате не сум добро, одам нагоре. Драг Лазе, испејте ја таму горе песната од ‘Собирен центар’, ‘Се е исто во мојот крај, само мене веќе ме нема’, кажа Коцевска во говорот.
Роден на 27 март 1958 во Скопје, Манасковски дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Од 1983 година работеше во скопскиот Драмски театар, каде што остана до пензионирањето во 2022.
Покрај многубројните улоги на театарската сцена, Манасков оствари плодна кариера и на филм и телевизија. Глумеше во филмовите „Големата вода“, „Сенки“, „Исцелител“, „Врба“, „Хомо“ и „Кајмак“, како и во ТВ-сериите „Трст виа Скопје“, „Тврдокорни“, „Преспав“, „Фамилијата Марковски“, „Бистра вода“ и други.

Македонски






