Skip to main content

Разговор со Ѓоко Здравески во Градската библиотека во Скопје

Утре (среда, 3 декември) во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи разговор со поетот Ѓоко Здравески. Неговата најнова стихозбирка „Небо трето“ е книга на месецот во ГБСК и дел од 4.циклус на големата кампања „Читаме современи македонски автори“.

„Небо трето“ во издание на Бегемот е интересен спој на духовноста, спиритуалноста, медитацијата и молитвата низ автентични стихови.

Ѓоко Здравески, во манир на Пол Кле играјќи си со „свесниот инфантилизам“ во интроспективниот ретровизор се огледува како резигнирана поента или како сардонична насмевка, но нештата во ретровизорот не секогаш се такви како што изгледаат – подвлекува во поговорот на книгата Сашо Гигов – Гиш.

Ѓоко Здравески е роден 1985 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Работел како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш и на ИНАЛКО во Париз, како уредник во издавачките куќи „Бегемот“ и „Темплум“, како библиотекар на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет во Скопје, а како уредник соработувал и со интернет-порталите „Репер“, „Блесок“ и „Окно“. Од јуни 2014 до јуни 2018, заедно со Ана Голејшка, во „Менада“ ги организирал книжевните читања „Астални проекции“, бил дел од организацијата на неколку изданија на скопскиот фестивал за кратки фикции „Друга приказна“, бил дел од организацијата на фестивалот „Артерија“, а од 2021 до 2024 година бил и еден од организаторите на „Скопскиот поетски фестивал“. Објавил пет книги поезија, првите четири во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа „Антолог“: „Палиндром со две н“ (2010), „Куќичка за птици преселници“ (2013), „Љубавина“ (2016) и „Дедикар икарал“ (2017), а последната книга поезија „Небо трето“ (2025) ја објавува во издавачката куќа „Бегемот“. Поезијата му е објавена на десетина европски јазици. Од 2015 година е дел од европската поетска платформа „Версополис“. Во 2019 година во издавачката куќа „Бегемот“ ја објавил и книгата кратки раскази „Отсечки стварност“. Превел дваесетина книги од српски/хрватски/босански на македонски јазик.

Разговорот со Здравески ќе го води Александра Јуруковска, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Поврзани вести