
Американскиот Сенат по деветти пат не успеа да го усвои републиканскиот закон за привремено финансирање на американската Влада, поради што блокадата на работењето на владата влезе во својот 15-ти ден.
Сенатот го отфрли законот усвоен од Претставничкиот дом со 51 глас „за“ и 44 гласови „против“, бидејќи не беше достигнат прагот од 60 гласови „за“ потребен за усвојување на законот, јавија американските медиуми.
За законот повторно се изјаснија тројца сенатори од демократската пратеничка група кои гласаа заедно со републиканците за усвојување на законот: Кетрин Кортез Масто, Џон Фетерман и независниот сенатор кој е во демократската група, Ангус Кинг.
Сенаторот Ренд Пол беше единствениот републиканец кој гласаше против усвојувањето.
Затворањето на американската влада започна на 1 октомври, почетокот на фискалната 2026 година, откако демократите во Сенатот го отфрлија законот за краткорочно финансирање со кој федералните оддели ќе останеа отворени до 21 ноември.
Демократите одбиваат да го поддржат предлогот на републиканците без големи отстапки, со фокус на здравствената заштита.