
Идеална собна температура преку ден е 21°С, а ноќе 18°С. Но, во период на топло време најдобро е собната температура да се одржува околу 25°С. Домовите кои поседуваат разладни уреди за внатрешниот воздух, најдобро е да ги прилагодат на таа температура, се вели во препораките за разладување на внатрешните простории при високи температури кои ги објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Ако температурата надвор е повисока отколку внатре, со отворање на прозорците може да изгубите релативно поладно засолниште. Наместо тоа, во периодот од 11 до 17 часот затворете ги прозорците и завесите, надворешните или внатрешните ролетни во просториите свртени кон сонце. По потреба, може да се користат и чаршафи или крпи.
Отворете ги прозорците кога воздухот се чувствува поладен надвор отколку внатре, со соодветна заштита против инсекти.
Употребата на електричните уреди создава топлина. Исклучете ги грејните тела, како и електричната опрема и светлата што не се во употреба.
Електричните вентилатори можат да помогнат, но само ако температурата е под 35°С.
За поголема ефикасност и економичност на ладењето, изладете една или две соби наместо цела куќа.
Гответе во поладно време од денот. Употребата на рингли или и рерна да биде колку што е можно пократко време, а пред и по употребата да следи соодветна аклиматизација на просторијата каде се употребувале истите.
Дрвјата се одличен начин да се одржуваат градовите ладни. Дури и едно дрво на улица или градина дава мерливи придобивки. Особено поволен ефект за ладењето даваат дрвјата со голема крошна. Размислете и за садење на дрвја, чии позитивни придобивки ќе ги почувствувате вие и идните генерации.
Правилното управување со топлината во внатрешни простории и надворешната средина не само што ги подобрува условите за живеење, туку значајно ги намалува ризиците по здравјето поврзани со високи температури.