
Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) соопшти дека вчера биле хоспитализирани уште 20 повредени, меѓу кои и тројца пожарникари. по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој животот го загубија 59 лица на возраст меѓу 14 и 25 години.
Со нив, бројот на пациенти во здравствените установи во Скопје и во Штип сега изнесува 89 хоспитализираи, а во странство до сабајлево се испратени 76 пациенти, изјави на денешната прес-конференција Јовица Андовски, заменик-министер за здравство.
Планираме наредниот период да испратиме уште неколку во Австрија, Полска, Холандија, Италија, Норвешка, во текот на денот ќе знаеме по колку, изјави Андовски.
Владата денеска преку соопштение до медиумите апелираше граѓаните да не наседнуваат на непроверени информации и да не шират шпекулации за бројот на загинатите во трагичниот настан во Кочани.
Во јавноста се пласираат шпекулации и дезинформации во врска со бројот на загинатите. Владата со целосна одговорност потврдува дека бројот на жртви е 59. Сите други тврдења за 100 или 120 загинати се неточни и неосновани. Ваквите лажни информации само ја зголемуваат вознемиреноста во јавноста и нанесуваат дополнителна болка на семејствата на жртвите, се вели во соопштението испратено од Владата до медиумите.
Директорот на Токсикологија, проф. д-р Андон Чибишев изјави дека од почетокот на неговата Клиника се хоспитализирани 18 пациенти од кои четворица, заради влошување на општата состојба се префрлени на КАРИЛ, а тројца многу веројатно е дека ќе бидат префрлени во странски земји.
Од тие што останаа, од четворица на сме задоволни од нивната состојба, не се стабилни, другите се стабилни. Покрај тоа што се работи за изгореници на горните дишни патишта и за акутно тешко труење со штетни гасови, посебно со јаглероден моноксид, очекуваме да има компликации во наредните денови. Но, сите сме мобилни имаме засилени екипи, изјави д-р Чибишев.
Тој кажа дека доаѓаат пациенти кои се малку уплашени, но на сите им се прави серија клинчки испитувања.
Ништо да не пропуштиме, досега немаме констатирано потешки компликации. Меѓутоа, ваквите труења, посебно со отровни гасови може да дадат доцни компликации и на сите пациенти им е препорачано во наредните 10 дена да дојдат на контрола, изјави д-р Чибишев.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, д-р Огнен Костовски кажа од оние кои се во странство, некои се во потешка состојба, а оние кои се на клиниките во Скопје се во стабилна состојба. Тој кажа дека ниту еден пациент во моментов нема да биде испратен на домашно лекување, и тие што се полесно повредени се задржуваат на обсервација.