Skip to main content

Гостинскиот паркинг во Центар тројно поскапен: Герасимовски и директорот на ПОЦ удрија по џебот на граѓаните

Лазар Банов, кој беше кандидат за советник во Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во објава на Фејсбук пишува дека градоначалникот Горан Герасимовски и директорот на Јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ) повторно „удриле“ по џебот на граѓаните.

Нов понеделник, нова глупост од градоначалникот на Општина Центар. Герасимовски и директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, без никаква најава, повторно удрија по џебот на граѓаните. Гостинскиот паркинг го поскапеа од 5 на 15 денари за час – тоа е трикратно зголемување (300%), истакна Банов во објавата, притоа јавно прашувајќи кој им дал право да носат вакви одлуки без никаква најава и без консултација со граѓаните?

Како што вели, најапсурдно било тоа што на територија на Општина Центар има паркинзи на градски паркинг каде цената е 25 денари за час, додека ЈП ПОЦ за гостински час наплаќа дури 15 денари.

Разликата е само 10 денари, а станува збор за паркинг кој првенствено треба да биде во служба на жителите на Центар, додава советникот.

Меѓу другото, тој потсети дека во предизборната кампања ветувале дека образованието и паркингот за центарци ќе бидат бесплатни, а дека денес реалноста била поинаква.

Денес реалноста е сосема поинаква: Образованието поскапе за 50%, гостинскиот паркинг поскапе за 300%. Има ли капетан овој брод? Или веќе знаат дека ова им е последен мандат, па сега е време да се наполнат буџетите за наредните три поколенија? Дали навистина сметаат дека граѓаните треба да ги плаќаат новите паркомати што ги поставија, а притоа и понатаму се плаќаат вработени за истата работа? Ако проектот бара и паркомати, и вработени, и дополнително зголемени цени – тогаш очигледно нешто не функционира како што треба, стои во објавата на Банов.

Поврзани вести