
Преполна сала во Културниот центар Београд, во која се бараше столче повеќе, долги овации и неколку биса, тоа се првите импресии од синоќешниот концерт на триото „Нова“, на првиот од двата концерти кои КИЦ Белград,со поддршка од Министерството за култура и туризам, ги организира во Блград и Нови Сад. Бројни познати музички уметници од белградската оперска сцена, бројни дипломати меѓу кои и Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Р. Србија, г-ѓа Невена Јовановиќ, како и бројни претставници од македонската заедница во Белград, заеднички споделија едно исклучително професионално и атрактивно музичко патување насловено како „Медитеранска ноќ“.

Триото „Нова“ го сочинуваат веќе познати и меѓународно афирмирани македонски музички уметници, бас-баритонот Иван Наумовски и браќата Јован и Ѓорѓи Петрушевски, на пијано, обоа и англиски рог.
Посебно воодушевување помеѓу присутната публика предизвикаа обработките на познатите традиционални македонски песни, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Море сокол пие“, „Јовано, Јованке“, „Кажи, кажи либе Стано“ и „Македонско девојче“.
Вечерва, триото „Нова“ ќе гостува во Културниот центар Нови Сад, а пред новосадската публика нив ќе ги претстави директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров.
Ова е прва институционална соработка помеѓу КИЦ Белград и Културниот центар Нови Сад, остварена во потесна соработка со Националниот Совет на Македонците во Србија и Македонците во Војводина.

Македонски



