Skip to main content
Д-Р ТОМЧЕ ПОПОВСКИ, СПЕЦИЈАЛИСТ ПО ДЕРМАТОВЕНЕРОЛОГИЈА НА УНИВЕРЗИТЕТСКАТА КЛИНИКАТА ЗА ДЕРМАТОЛОГИЈА

На социјалните мрежи тинејџерки гледаат рутини за кожа кои ги тераат да пробаат нешто дури и кога немаат реална потреба

Приватна архива/ Д-р Поповски: Најчестите оштетувања на кожата што ги гледам како последица на прекумерна и несоодветна рутина се иритации, црвенило, прекумерна сувост и нарушена кожна бариера

Социјалните мрежи како Инстаграм и Тик ток го ја диктираат одржувањето на хигиената на кожата, посебно кај девојчиња и тинејџерки и често се случува тие да користат козметички производи кои не соодветстуваат на нивната возраст. Нивната рутина, или „скин кер“ како што сакаат да кажат, често се состои од кремови, гелови, тоници, пилинзи, кои не се препорачани за кожа која се уште се развива. Па така, наместо чиста и здрава кожа, се добиваат црвенила, иритации, а во некои случаи и алергии. Кожата е најголемиот орган во човековото тело и затоа е потребна содветна нега.

На пазарот има многу производи со сомнително потекло кои немаат поминато соодветна контрола, а одредени хемикалии во нив може да влијаат на хормоналниот баланс, репродукција и на општото здравје. Затоа професионалната и медицинската козметика користи само проверени состојки, со строга контрола, и ги отстранува потенцијално ризичните супстанци, вели во интервју за „Република“ д-р Томче Поповски, специјалист дерматовенеролог од Универзитетската клиника за дерамтологија во Скопје.

Во неговата дерматолшка пракса се сретнал со случаи на девојки и тинејџери со кожни проблеми предизвикани од несоодветна козметика. Во интервју за „Република“ тој говори за најчестите оштетувања на кожата како последица од прекумерна рутина без консултација во стручно лице, кои се последиците од неправилна употреба на козметика и на кожата и на организмот воопшто, какви реакции може да предизвикаат активните состојки како витамин Ц, ретинол, киселни, дали непроверени производи за кожа или пречеста употреба може да влијае на репродуктивниот или ендокриниот систем.

Колку често во вашата дерматолошка пракса доаѓаат девојки или тинејџери со проблеми на кожата поради несоодветна козметика?


ПОПОВСКИ: Не е ретка појава да доаѓаат девојки и тинејџери со кожни проблеми предизвикани од несоодветна козметика. Особено младите кои се особено подложни на влијанието на моменталните трендови, па често користат производи кои не се соодветни за нивниот тип кожа.

Како социјалните мрежи како Инстаграм и Тик ток влијаат врз тоа девојките да започнат со користење козметика многу порано од потребното?

ПОПОВСКИ: Социјалните мрежи имаат забележливо влијание врз младите, бидејќи таму секојдневно гледаат рутини и препораки што изгледаат привлечно и забавно. Во таква средина лесно се создава впечаток дека треба порано да се започне со козметика, дури и кога нема реална потреба. Трендовите, убаво спакуваните производи и примерите од врсници често ги охрабруваат младите да испробаат нешто ново многу пред да им биде навистина потребно.

Кои се најчестите оштетувања на кожата кои ги гледате како последица на прекумерна рутина – гелови, кремови, тоници, серуми, без консултација со стручно лице?

ПОПОВСКИ: Најчестите оштетувања на кожата што ги гледам како последица на прекумерна и несоодветна рутина се иритации, црвенило, прекумерна сувост и нарушена кожна бариера. Чести се и акниформни осипи поради користење премногу активни состојки одеднаш, како и појава на пигментации кога киселини или ретиноиди се користат без соодветна заштита. Сè ова најчесто настанува кога рутината се формира без консултација со стручно лице.

Д-р Поповски: Дозволете ѝ на вашата кожа сама да се развива и одржува здрава, преку основна дневна хигиена, хидратација и заштита од сонце / фото: Приватна архива

Што точно се случува со кожната бариера кога се користат премногу производи или производи кои не се соодветни за возраста?

ПОПОВСКИ: Кога се користат премногу производи или козметика што не е соодветна за возраста, најчесто прво се нарушува природната pH рамнотежа на кожата. Кога pH-то се поместува, заштитната кожна бариера станува почувствителна, полесно губи влага и станува попропустлива за надворешни иританси. Ова води до сувост, црвенило, иритација и поголема склоност кон воспалителни промени.

Какви реакции или состојби може да ги предизвикаат активните состојки како ретинол, киселини, витамин Ц кога се користат неправилно или прерано?

ПОПОВСКИ: Кога активни состојки како ретинол, киселини или витамин Ц се користат прерано, неправилно или во несоодветни комбинации, многу често доаѓа до нарушување на pH-то и оштетување на кожната бариера. Тоа може да предизвика иритации, црвенило, сушење, лупење, осипи, влошување на акни и зголемена чувствителност. Наместо очекуваните „бенефити“, без соодветни насоки од стручно лице многу почесто добиваме обратен ефект – кожа која е повеќе чувствителна, воспалена и нестабилна.

Дали прекумерната нега може да доведе со влошување на акни, иритации, дерматитис или други хронични проблеми?

ПОПОВСКИ: Прекумерната или несоодветна нега на кожата може да предизвика влошување на акни, иритации, контактни дерматитиси и зголемена чувствителност. Прекумерната употреба на производи ја нарушува природната заштитна бариера на кожата, што ја прави потенцијално покомплицирана за третирање и може да предизвика долгорочни проблеми.

Кожата е најголемиот орган на човекот. Постојат ли долгорочни последици од неправилна употреба на козметика кај млади и тоа не само на кожата, туку и на организмот?

ПОПОВСКИ: Да, кожата е најголемиот орган на човекот и игра важна улога како заштитна бариера за целиот организам. Долгорочната или несоодветна употреба на козметика кај млади може да има последици не само за самата кожа – како хронични иритации, нарушена бариера, акни или дерматити – туку потенцијално и за организмот. Неодговарачките активни состојки, особено кога се користат прерано или во големи количини, можат да доведат до системска апсорпција на одредени супстанци, создавајќи ризик од алергиски реакции, нарушување на природниот баланс на микробиомот на кожата, па дури и влијание на хормоналната рамнотежа во развојниот период.

Една студија покажала дека просечна тинејџерка користи 18 препарати за нега на кожата и тоа лошо влијае на ендокриниот и репродуктивниот систем. Какви се Вашите сознанија?

ПОПОВСКИ; Една од најбрзо растечките глобални индустрии е козметиката, и денес е особено важно младите да бидат добро информирани пред да користат каков било производ. На пазарот има многу производи со сомнително потекло кои немаат поминато соодветна контрола, а одредени хемикалии во нив може да влијаат на хормоналниот баланс, репродукција и на општото здравје. Затоа професионалната и медицинската козметика користи само проверени состојки, со строга контрола, и ги отстранува потенцијално ризичните супстанци. Секогаш советувам да се користат висококвалитетни и проверени брендови, со ограничена и соодветна употреба. Производите треба да се применуваат само според вистинска потреба, а кај медицински индикации, употребата да ја одреди лекар. Производите за убавина треба да бидат од доверливи и проверени производители.

Што би им препорачале на тинејџерките кои прекумерно користат козметика поради трендови? Која е вашата порака?

ПОПОВСКИ: Нашето тело и кожа се во процес на раст и развој до средината на дваесеттите години, па употребата на козметика треба да се ограничува и користи само по вистинска потреба и препорака. Прекумерната или неселективна употреба може да ја наруши природната функција на кожата. Дозволете ѝ на вашата кожа сама да се развива и одржува здрава, преку основна дневна хигиена, хидратација и заштита од сонце.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива

Поврзани вести