Skip to main content

На Клиниката за ортопедски болести успешно е трансплантирана коска од починат дарител кај 19-годишен пациент со церебрална парализа

Министерство за здравство

На Клиниката за ортопедски болести за два дена е извршена втора успешна трансплантација со коска од починат дарител, соопштија од Министерството за здраввство.

Трансплантацијата е извршена на 19-годишен пациент за корекција на деформитет на стапало како резултат на церебрална парализа.

Во минатото корекција на деформитет се правела со користење на дел од надворешната коска на потколеницата која се земала од пациентот. Притоа се појавувал дефект кој тешко се корегирал. Со користењето на коска од кадавер, оперативниот зафат трае многу пократко и не остава дефект на друго место кај пациентот, а и корекцијата е многу постабилна, се вели во соопштението на МЗ.

Екипата која ја изврши трансплантацијата ја предводеше проф. д-р Зоран Божиновски со анестезиологот д-р Лилјана Ангелеска и асистенти д-р Теодора Божиновска и Кристина Јордановска, заедно со средно-медицинскиот кадар Менче Дојчиновска и Оливера Лазаревска.

Експертизата и стручноста остануваат наш императив и силно сме фокусирани на нови методи и процедури во трансплантацијата, вели проф.д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.

Пред два дена, на 13 јануари, на Универзитетската клиника за ортопедски болести во Скопје првпат беше извршена трансплантација со имплант, односно коска од починат дарител, која беше имплантирана на два прста кај 13годишно дете со брахидактилија. Детето е со уреден постоперативен тек, соопштија од МЗ .

Поврзани вести