Skip to main content

Спасен турски палаглајдерист што принудно слетал на карпестиот дел на Галичица

Facebook/Црвен крст Охрид

Параглајдерист од Турција, вчера попладне принудно слетал во околината на врвот „Магаро“, при што му била потребна евакуација. Повикот за помош до оперативниот центар на Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст – Охрид бил упатен од вработен во Националниот парк „Галичица“, во вторникот околу 16:30 часот.

На наплатниот пункт „Дервен“ лице од Турција пријавило дека негов пријател, параглајдерист, принудно слетал во околината на врвот „Магаро“ и му е потребна евакуација. По брза координација и утврдување на точната локација, параглајдеристот беше лоциран на тешко пристапниот и карпест дел, на западната страна од планината. Несреќата се случила околу 16:00 часот, кога, од засега непознати причини, пилотот изгубил целосна контрола над крилото и бил принуден да го активира резервниот падобран. За среќа, слетал без физички повреди – информираат од ПСС при Црвен крст Охрид.

Од моментот на пријавата, операторот од ПСС останал во постојан контакт со параглајдеристот. Истовремено, спасувач од ПСС кој се наоѓал во планинската куќа „Спиридон“, веднаш се упатил кон локацијата, додека дополнителен тим од пет спасувачи останал во приправност во Охрид, подготвени за асистенција доколку е потребно.

Околу 18:00 часот, спасувачот пристигна до местото, му даде храна и вода на параглајдеристот, и заедно безбедно се вратија кон планинската куќа – информираат од ПСС. Оттаму додаваат дека со оглед на локацијата, околностите и среќниот исход, оваа интервенција ќе остане запаметена како вистинско чудо во меморијата на нивната служба.

Поврзани вести